Бислимоски теши, ама ни сам не знае дали резервите на нафтените компании се полни

Од:

Наместо одговори на прашања што треба да покажат дали си ја вршат работата за која се платени, претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски, се расправа зошто од него се бараат одговори на прашањата. Додека преку медиуми ги теши граѓаните дека има доволно резерви гориво, тој не знае каква е состојбата во изминатите денови со резервите што компаниите задолжително мора да ги поседуваат. Бислимоски се прогласи за ненадлежен како оправдување зошто нема информации за резервите. Прстот го впери во Пазарната инспекција, која е задолжена да ги контролира.

Прашан дали Регулаторната вчера побарала ваква контрола, тој вели дека е испратен допис. Но, и по десетминутен разговор, на прашањето за резервите кај нафтените компании тој одново одогвори: „Информациите што ги имаме ние и што ги кажуваат нафтените компании велат дека тие непречено набавуваат нафтени деривати. Треба нив да ги прашате, ние не можеме да знаеме тековно како работат“. Ова значи дека тој им верува на зборовите на компаниите, кои, ако немаат резерви, може да останат и без лиценци.

„Компаниите треба да имаат петдневни резерви, мораат да имаат обезбедено“, вели Бислимоски, па прашан дали провериле, тој додава: „Пазарната инспекција ги проверува“. На прашањето дали Регулаторната побарала информации, Бислимоски се налути и, наместо одговор, рече: „Кој е овој начин на разговор со мене?! Дали сте побарале, не сте побарале?! Конкретно ви кажувам дека сме во комуникација со Државната пазарна инспекција, како и дека таа инспекција има надлежност да утврди ниво на задолжителни оперативни резерви. Кај компании каде што сме добиле записник дека немаат петдневни резерви, почнуваме постапка“.

И на повторно поставено прашање дали добиле ваков записник и дали побарале од Пазарната да направи контроли во изминатите два дена, Бислимоски повторно не одговори: „Ама господине, дали ме слушаш што ти зборувам?! Постојано се случува тоа. Имаме добивано записници, имаме почнувано постапки“.

Бидејќи вчера граѓаните точеа гориво по добиените информации дека нафтените компании не набавуваат поради високата цена по која снабдуваат наспроти ниската по која продаваат, прашавме дали во изминатите 24 часа се проверени резервите на компаниите, на што Бислимоски одговори: „За вчера не сме добиле записник. Како да добиеме записник?! Во утринските часови вчера ние ја информиравме Државната пазарна инспекција дека има такви и такви случувања за терен. Кога ќе добиеме записници, ќе постапиме“.

По низата прашања, Бислимоски беше загрижен од мислењето на јавноста дека Регулаторната не работи.

„Не тргајте со мисла дека никој ништо не работи и никој ништо не знае. Тоа што ќе ни го даде Државната пазарна инспекција, по тоа ние постапуваме“, вели Бислимоски, а прашан дали направиле увид и самите како Регулаторна комисија бидејќи нема забрана, тој додаде: „Регулаторната комисија за енергетика прави увид. Нема надлежност дали има оперативни резерви“.

Регулаторната комисија нема забрана и сама да направи увид на терен, но Бислимоски смета дека, сепак, тоа треба да го прави Пазарната инспекција. Прашан дали го загрижува состојбата, тој вели: „Секако дека ме загрижува, војна има. Поскапе сѐ што можеше од енергетскиот дел“.

Компаниите не смее да ги трошат нафтените резерви без дозвола од Владата. Досега Регулаторната има почнато постапка за одземње лиценца за една компанија за која Пазарната инспекција известила дека нема резерви за пет дена, посочи Бислимоски.

Би можело да ве интересира

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Горан Наумовски

Поевтинува дизелот, цените на бензините не се менуваат

Нови цени на горивата

Во ниту еден случај нема да се поскапи парното за домаќинствата, тврдат од Регулаторна

Орце Костов

Поскапуваат горивата од полноќ

Орце Костов

Бислимоски: Без 200 денари за мрежарина, граѓаните ќе имаа поскапи прв блок и евтина тарифа за 15 отсто

Орце Костов