Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) со Предлог-законот за Комунален отпад, што е во крајна фаза на усвојување, ќе биде одговорна и за определување на цените на комуналниот отпад така што годинава ќе се зголемат нејзините ингеренции во делот на водни услуги, најави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
-Дополнително ние се уште се залагаме РКЕ во целост да ја преземе ингеренцијата и за определување на цените на водните услуги, бидејќи досега определуваме само минимална и максимална цена, а потоа советите на општините ги носат крајните цени во тие рамки. Бараме РКЕ да ги носи крајните цени за водните услуги, потенцира Бислимоски.
Во делот на водните услуги, додаде, РКЕ веќе ги определи минималната и максималната цена за водните услуги и 95 отсто од јавните комунални претпријатија се движат во рамките на цените, односно минималната цена е нешто пониска од постојната, а максималната нешто повисока.
-Карактеристично е што со минималната цена не се земени во предвид инвестициите и очекувањата се дека е само за преживување на јавните комунални претпријатија. Поради тоа, во изминатиот период се случуваше во повеќе општини во државата да имаме подолготрајни дефекти на водоснабдувачките системи што се одразува на работењето на јавните комунални претпријатија и многу малку се инвестира во водоводната инфраструктура во државата, посочи Бислимоски во интервјуто за МИА.