Бектеши: Законот за енергетска ефикасност отвори можност за поефикасно јавно осветлување во општините

Од:

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска присуствуше на потпишување на Договори за Јавно- приватно партнерство по ЕСКО модел за јавно осветлување помеѓу општините Македонска Каменица и Чешиново Облешево како корисници и ЕСКО компанијата Македонски Телеком АД – Скопје. Овој проект е дел од Регионална Програма за енергетска ефикасност во Република Северна Македонија, која ја поддржува енергетската ефикасност со фокус на јавниот сектор, преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за што е обезбедена финансиска поддршка од Инвестиционата рамка на Европската Унија за Западен Балкан.

„Со новиот Закон за енергетска ефикасност кој од вчера официјално влегува во сила, нашата држава во целост ги имплементира соодветните прописи за енергетска ефикасност на Европската Унија. Уште поважно, новиот закон ќе овозможи реализација на потребните инвестиции и мерки во областа на енергетска ефикасност, следејќи ги позитивните примери од земјите на ЕУ и регионот, каде енергетската ефикасност донесува корист на повеќе нивоа, како за граѓаните така и за економијата воопшто. Покрај другото законот ќе овозможи реализација на долгорочни договори за енергетски услуги од страна на друштва даватели на енергетски услуги – ЕСКО. Со ова законско решение, се прецизираат одредбите и модел-договорите кои овозможуваат реализација на проекти за подобрување на енергетската ефикасност, како за ефикасно осветлување така и за други вложувања во енергетска опрема и инсталации каде меѓу другото опфатени се и реконструкции на згради. Овој нов модел кој за прв пат се применува во суштина носи придобивки за јавните органи, бидејќи не е потребно претходно обезбедување на средства од буџетот на РСМ. Јавните органи со овој модел имаат можност врз основа на остварените заштеди на електрична енергија (со примена на мерки за енергетска ефикасност) да обезбедат подобри услуги за граѓаните, а трошокот за енергетското реновирање да го плаќаат преку сметките за електричната енергија“, истакна министерот Бектеши по потпишување на договорите.

Министерот информираше дека преку овој проект во почетокот беа опфатени пет-пилот единици на локалната самоуправа: Валанадово, Македонска Каменица, Радовиш, Василево и Чешиново – Облешево. Постапките за јавно приватно партнерство за општините Македонска Каменица и Чешиново Облешево како пилот проекти беа успешно спроведени со што беа избрани и најповолните понудувачи кои денес се присутни овде со цел потпишување на Договорите за енергетки услуги со идните корисници на енергетки услуги, односно избраните општини кои учествуваа во проектот. Во втората фаза од спроведување, Проектот ќе биде проширен со ЕСКО проекти за поставување енергетски-ефикасно централно греење во јавните згради во општините.

Министерот најави нов проект во рамки на Министерството за економија.

„Во тек изготвување на тендерска документација за спроведување на постапка за јавно приватно партнерство за енергетско реновирање на зградата на Министерството за економија. Во зградата работат повеќе институции и би сакал да ја информирам јавноста дека е обезбедена согласност од сите институции да се отпочне со постапка за енергетско реновирање на зградата со примена на ЕСКО модел. Постапката очекуваме да ја отпочнеме кон крајот на април. Ова ќе биде прв пример на тендерска постапка која ќе се спроведе по новиот модел за избор на ЕСКО и ќе биде модел по кој јавните институции ќе треба во иднина да ги реновираат зградите со примена на мерки за енергетска ефикасност. Ние сме земја која е увозно зависна и секој денар во енергетска ефикасност носи повеќе кратни придобивки. Па оттука, рационалното користење на енергија, треба да биде императив за сите јавни институции, бидејќи на тој начин се заштедуват средствата од буџетот, а воедно се подобруваат условите за работа, при што се намалува товарот на државните расходи и секако се влијае на намалување на емисиите на CO2“, потенцираше Бектеши.

Координаторот на проектот Здравко Стефковски истакна дека ЕСКО компаниите се дефинирани со Новиот закон за енергетска ефикасност кој што е веќе донесен и вчера стапи во сила.

„ЕСКО компаниите ја носат целокупната инвестиција на високо квалитетна ЛЕД технологија за улично осветлување додека крајниот корисник, во овој случај Општините, финансиски НЕ учествуваат. Крајниот корисник Општината ја враќа инвестицијата на ЕСКО компанијата исклучиво преку заштедата на енергија. Во тендерската постапка, општината ја избира онаа ЕСКО компанија која има уредна документација според тендерската документација и ќе понуди најголемата нето финансиска добивка за Општината. Времето на враќање на инвестицијата изнесува во просек шест години, а понудениот животен век на светилките е 100.000 работни часа. За времетраење на договорот целокупното одржување на опремата која е предмет на договорот потпаѓа под ЕСКО компанијата. По завршување на договорот, целокупната заштеда на енергија и опремата остануваат на крајниот корисник т.е. Општината. Ако се земе во предвид дека системот за улично осветлување во просек работи 4.200 работни часа/годишно, во тој случај светилките би требало да работат околу 23 години“, потенцираше Стефановски.

Градоначалниците на општините Македонска Каменица и Чешоново-Облешево Соња Стаменковска и Горанчо Крстев се заблагодарија на Министерството за економија и ЕБРД за можноста да учествиваат во ваков проект и да можат да инвестираат во енергетски ефикасна инфраструктура во нивните општини.

Претставникот од ЕСКО Компанијата Македонски Телеком, Гоце Митевски истакна дека како компанија ќе продолжат да работат во обезбедување на најдобри услуги за граѓаните преку нанјнови технологии.

Би можело да ве интересира

MINT Fintech Group ја поддржа eCommerce конференцијата 2024 како бронзен партнер

АД МЕПСО ги прекинува сите видови на донации и спонзорства до крајот на оваа година

Матарела повика на отстранување на бариерите кои го попречуваат влезот на италијанските производи на кинескиот пазар

Предраг Петровиќ

Победата на Доналд Трамп на американските избори го зајакна доларот во однос на еврото

Бислимовски: Со новиот Закон за енергетика се оди кон либерализација на пазарите што поттикнува инвестиции

Буџетот за 2025 година усвоен на владина седница