Ние не носиме одлуки за лични интереси на одредени членови во Стопанската комора, ние носиме одлуки за граѓаните и за одреден сектор, вклучувајќи ги трговијата или преработувачката индустрија. Сите решенија се донесени низ разговори и во консултација со коморите, над 90 отсто се предлози што произлегуваат од стопанските комори, и во делот на листата на производите и во делот на другите одлуки.
Ова го истакна денеска министерот за економија Крешник Бектеши во врска со вчерашните реакции на трите најголеми стопански комори во земјава по најновите владини одлуки кои, според бизнисот, ја поттикнуваат сивата економија и се лоши за развојот на компаниите.
Според Бектеши, Стопанската комора која најави дека ќе го оспори пред Уставен суд Законот за солидарен данок, тоа и треба да го стори, а освен во Уставниот суд, треба да оди, порача, и во другите надлежни институции.
Министерот гледа и тенденција кај некои медиуми да пренесуваат мислења на поединци од Стопанската комора, наместо, како што нагласи, да го пренесуваат ставот на Стопанската комора во целина.
-Ние разговараме, дебатираме, но согласно дискусиите што произлегуваат од сите чинители ги носиме олуките, не само од личен интерес на одреден член на стопанска комора кој може да има и лична корист од носење одредени одлуки. Ако памтиме добро, а не поминале уште ни две недели, коморите беа вклучени во преговорите, почнувајќи од производителите на храна, се до супермаркетите. Генерално, можам слободно да кажам дека, над 90 отсто се предлози што произлегуваат од стопанските комори, и во делот на листата на производите и во делот на другите одлуки. Секако дека ни сме разговарале со извршните директори и раководителите во рамки на коморите, не со секој член на Стопанската комора. Гледам тенденција од одредени медиумски куќи дека преземаат и даваат на тој начин одредени мислења и предлози од страна на членови на Стопанската кмора, а не ставот на Стопанската комора во целина. Ние сме обврзани, како функционери, но и како Влада во целина, да ја зголемиме соработката со сите стопански комори. Во однос на различни ставови, тоа е добро и за демократијата, зашто кога има различни ставови, тогаш има и повеќе идеи, дебата, повеќе аргументи, факти. Крајната одлука согласно обврските и задолженијата ги носат институциите надлежни за таа работа, а тоа се Владата и Министерството за економија и тие одлуки се задолжителни, потенцира Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на логистичкиот центар на „КАМ“ маркет.
Во врска со солидарниот данок, министерот е дециден дека ако Законот биде оспорен, Владата е обврзана тоа да го почитува.
-Одлично. Треба да одат во Уставен суд и во другите надлежни институции. Затоа сме држава и сме ги граделе овие институции. И највисоката инстанца, како Управниот суд или други надлежни институции, ако донесе спротивна одлука на таа што ја донеле пратениците, секако дека ние имаме обврска да ја почитуваме. Но, ние сметаме дека тоа законско решение предложено од Владата и усвоено од парламентраното мнозинство, е во склоп со законските одредби во државата, рече Бектеши.