„624,5 милиони евра во 2018 година наспроти 181,7 милиони во 2017 година, што претставува зголемување од 244%. Ова е историски рекорд на СДИ во Република Северна Македонија од осамостојувањето на државата до денес. Само во четвртиот квартал од 2018 тие изнесуваа 311,3 милиони евра, во споредба со 167,9 милиони евра во истиот квартал претходната година. Значи, и тука имаме зголемување од 85%“, истакна министерот за економија Крешник Бектеши по објавувањето на податоците на Народната Банка на Република Северна Македонија во денешното соопштение за вредноста на странските инвестиции за последниот квартал од 2018 и за минатата година во целост.
Според министерот Бектеши, оваа бројка е резултат на посветеноста на оваа Влада во реализирањето на добро поставените економски политки, но и успешната надворешна политика на која беше ставен акцентот минатата година, а резултираше со решавање на деценискиот проблем со соседна Грција, најавеното членство во НАТО и напредокот во процесот на европски интеграции.
„Креираниот План за економски раст, новиот Закон за финансиска поддршка на инвестициите, заедничкото работење на економскиот тим во креирање на мерки за деловната заедница и реализирањето на предвидливите политики за привлекување на странски инвестиции донесоа резултат кој годинава, како економска година, ќе се трудиме да го надминеме“, смета Бектеши.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, одговарајќи на едно од прашањата од вчерашната сесија за пратенички прашања во Собранието на РСМ, рече дека освен 17-те досегашни реализирани странски инвестиции во земјата за само 20 месеци, во последните денови на ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот парламент, шест компании од Грција донесоа одлука да инвестираат во нашата земја. Меѓу најавените инвестиции за наредниот период е и германската компанија „Герешајмер“.
Премиерот Заев нагласи дека странските инвестиции во земјата минатата година отворија 4500 добро платени работни места, благодарение на храбрите политики на Владата и на парламентот, без притоа да се трошат средства за рекламирање и промоција.