Министерот за економија Крешник Бектеши побара повторно да се преговара една од трите стратешки инвестиции во областа за енергетиката, но не прецизираше за која станува збор.
Инвестициите во облик на закони се веќе во собраниска процедура и се поднесени за донесување по скратена постапка, Бектеши вели дека има забелешки во делот на тоа дека се доделува два или три пати државна помош за иста инвестиција и таков пример не е познат во регионот.
„За мене е спорно, а тоа го слушаме и од експертите и анализите кои ги правиме, за лиценцирани, рентабилни, профитабилни инвестиции да се дава директна државна помош од страна на Владата. Зошто ова го кажувам, заради тоа што мислиме дека таквите инвестиции кои веќе имаат еден вид на државна помош, индиректна, било тоа да се фидинг тарифи или договори за откуп на електрична енергија, веќе ја користат државната помош од страна на Владата.
Не знам дали има ваков пример, не во регионот, туку и во другите држави, една инвестиција да има два или три вида државна помош. За една да, и тоа го прават сите држави во светот. Но, да има две или три, мислам дека тоа би било спорно и дека треба многу внимателно да се гледаат тие предлози и барања од стратешките инвеститори“, рече Бектеши одговарајќи на новинарски прашања.
За некои од тие стратешки инвестиции лично тој заедно со неговите советници има одредени работи за кои мислат дека треба да бидат променети или пак да се репреговараат со заинтересираните страни.
„За одредени инвестиции, моментално се три, за една од нив имам мои сомневања дека треба да се репреговара, бидејќи ние како Министерство за економија не сме биле директно вклучени во преговарањето. Во понеделник или во вторник како Министерство за економија ќе бараме дополнително објаснување од тимот кој бил вклучен во преговорите и ако е потребно, ние како Министерство сме подготвени и формално правно да бараме враќање на одредени решенија во владина процедура за да може да се преговараат повторно“, рече Бектеши.