Кипарската централна банка соопшти дека министерот за финансии Михалис Сарис наредил сите банки во земјата да останат затворени до четврток, пренесоа светските агенции.
Централната банка наведе дека одлуката била донесена со цел да се обезбеди „нормалното функционирање на целиот банкарски систем“.
Претходно Централната банка наведе дека сите банки во Кипар, со исклучок на кипарската Народна банка (Лаики) и Банката на Кипар, ќе ги отворат своите врати денес наутро.
Банките во Кипар беа затворени на 16 март за да се спречи бегството на капитал во врска со спогодбата меѓу владата и меѓународните кредитори за наметнување данок врз влоговите како дел од спасувачкиот план за земјата.
Планот беше отфрлен од Кипар на 19 март, а вчера беше постигнат нов договор со ЕУ и ММФ, што предвидува ликвидирање на кипарската Народна банка и преструктурирање на Банката на Кипар.