Азиските берзи потонаа утрово, откако цените на нафтата се во слободен пад како резултат на стравувањата дека глобалната економија, ослабена од вирусна епидемија, може да биде презаситена со залихи од гориво.
Токискиот референтен индекс се намали за 6,2 проценти, додека во Сиднеј падна за 6,1 проценти.
Сеул потона 4,4 проценти, а Хонг Конг изгуби 3,9 проценти. Акциите, исто така, потонаа на Блискиот исток во тргувањето вчера.
Саудиска Арабија, Русија и другите производители на нафта се расправаат за тоа колку да го намалат производството, а Саудиска Арабија пак, започна да продава поевтина нафта. Загриженоста веќе беше на пазарот во врска со потенцијалното влијание на епидемија на вирусот што почна во Кина и го наруши производството, транспортот и трговијата.
Загриженоста се зголеми откако Италија објави дека ги изолира градовите со околу 16 милиони луѓе, или повеќе од една четвртина од нејзиното население.
Таи Хуи од Џ.П. Морган Асет Менаџмент напиша во извештајот дека „соработката на ОПЕК со Русија за поддршка на цените на нафтата се чини дека наиде на голема пречка“, пренесе Бета.
Токискиот Никеи 225 падна на 19.473,07 откако Владата објави дека економијата се намали за 7,1 процент во октомври-декември, полошо од првичната проценка за 6,3 проценти годишен пад. Ова беше пред епидемијата на новиот коронавирус да влијае врз туризмот и патувањата, но по зголемувањето на данокот на продажба, по што апетитот на потрошувачите се намали.
Индексот на Хонг Конг, Ханг Сенг се намали на 25.134,73. Шангајскиот индекс падна за 2,2 отсто, С,П. АСКС 200 во Сиднеј се намали на 5.840,70, додека Коспи во Сеул на 1.950,02.