На денешната седница на Владата на Република Македонија, членовите на Владата го усвоија Предлог на законот за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид.
„Со цел да се образложат сите детали за целисходноста на измените на Законот, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, одржаа средба со новинари. На средбата присуствуваа и професори од Градежен факултет кои учествуваа во надминување на настанатите состојби при процесот на изградба на автопатот Кичево-Охрид. Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, ја образложи потребата од донесување на предлог измени на Законот, се со цел да се забрза динамиката на изградба на автопатската делница Кичево – Охрид, како и потребата од ослободување на финансиските средства кои беа блокирани од заемот од ЕКСИМ банката“ се вели во соопштението на Владата.
Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека биле наследени огромни проблеми поврзани со непостоење на девет клучки во самиот проект, непостоење на алтернативни патишта, потоа огромен проблем со геомеханичките карактеристики на тунелот и проблеми со косините на трасата, за што се потребни дополнителни финансиски средства за доизградба на оваа автопатска делница. Исто така тој информираше и дека финансиските средства што ЈП за државни патишта ги исплаќало кон Изведувачот по однос на градежни материјали биле многу повисоки во споредба со реалните пазарни цени.
Во овој период, тим од Владата на Република Македонија правел анализи и водел сериозни разговори како со Изведувачот на проектот, така и со релевантни консултанти се со цел да се надминат сите проблеми, да се интензивира изградбата на автопатската делница и во тој процес сметам дека овозможивме сериозни заштеди за државата, потенцираше вицепремиерот за економски прашања, Кочо Ангушев.
„Кога денес би требало да се потпишува таков договор, јас лично не би учествувал во таков договор, но морам да кажам дека Владата и сите ние бевме исправени пред една ситуација кога проектот веќе беше започнат. Државата имаше земено одредени обврски и овој проект мора да се продолжи. Денеска во Владата направивме анекс на тој договор што ќе го предложиме во Парламентот, каде што се надеваме дека пратениците ќе го поддржат и со тоа ќе се деблокира градењето на овој автопат во прва фаза со сите дополнителните работи, многу поекономично и по цени далеку пониски од тие што претходно биле номинирани. Со домаќински пристап ќе заштедиме сериозни средства за државата, притоа проектот ќе биде имплементиран и нормално, на крајот државата нема да ја донесеме во ситуација на финансиски потешкотии. Од друга страна секако, сакам да напоменам дека одглавување на градежните работи од овие капитални проекти, што беше макотрпен процес, ќе има значително влијание врз зголемувањето на БДП-то и во овој сегмент и со тоа потсетувам дека БДП ќе ги достигне бројките кои што беа очекувани и планирани од страна на владата”, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески изјави дека донесувањето на анекс на основниот договор е повеќе од потребен се со цел да се забрза изградбата на овој капитален проект, а од друга страна да се овозможат редовни исплати на подизведувачите на овој проект за извршените градежни работи.
„Денеска зборуваме за решение на проблемот. Во самиот предлог на Законот ослободуваме 205 милиони еаар по сите ставки. Ова е значајно за да може да се продолжи со изградбата, а од друга страна да се овозможи нормално плаќање кон домашните подизведувачи. Веќе за еден месец ќе имаме и нов анекс со кој точно ќе ги утврдиме дополнителните средства по сите ставки и една финална сума на средства потребни за доизградба на автопатот”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, најави дека со донесување на овие измени на законот, во наредните месеци ќе се забрза изградбата на автопатот, притоа ќе се изврши препроектирање на сите елемент како што се споредни и пристапни патишта, косини други елементи кои недостасуваат во проектот.
Предлог на законот за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, ќе се испрати на разгледување во Собранието на Република Македонија.