Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев на јавна трибина во Владата, го презентираше „Планот за економски раст“, односно сетот на економски мерки, пред претставниците од странските амбасади и меѓународните финансиски институции.
„Планот за економски раст е резултат на сеопфатни анализи. Во него се имплементирани препораки од документите на Светската Банка, Виенскиот институт за меѓународни односи, Македонската академија на науки и уметности, но и барањата од стопанските комори и бизнис секторот “, истакна вицепремиерот Анѓушев.
Компаниите, независно дали се странски или домашни, ќе имаат можност да ги користат мерките за поддршка, доколку, во просек, во последните 3 години покажат раст на приходите и не го намалуваат бројот на вработени.
„Мерките би ги поделил во три столба: мерки за поддршка на нови инвестиции и за зголемување на конкурентноста на економските субјекти, мерки за поддршка за извозот и мерки за поддршка за малите и средни претпријатија. Притоа, нема повеќе поделби на домашни и странски компании, сите економски субјекти ќе треба да ги исполнат истите критериуми и услови и секоја од компаниите ќе може да користи одреден сет на поддршка. Сакаме да бидеме транспарентни и дискреционо право за одлука повеќе не постои, односно никој повеќе нема да одлучува кој, колкава државна поддршка ќе добие“, дополни вицепремиерот.
Вицепремиерот истакна дека со имплементација на предложените мерки очекува големи ефекти во економијата, кои би се рефлектирале преку пораст на странски и домашни инвестиции, нови работни места, поголема ефикасност, продуктивност и конкурентност на компаниите, зголемување на извозот, што ќе допринесе до повисок Бруто домашен производ, зголемени плати и подобрување на материјалната благосостојба на граѓаните.
Вицепремиерот пред присутните детално ги презенираше и образложи сите мерки од „Планот за економски раст“, но посочи дека Владата е отворена за конструктивни предлози.
Претставниците на меѓународната заедница ја поздравија одлуката за почитување на веќе постојните договори со странските инвеститори, транспарентноста и јавното објавување на критериумите за добивање субвенции во иднина, како и пристапот ориентиран на резултат.
– Успехот на оваа програма е поврзан со другите политики. Од круцијално значење за земјата е да се врати довербата во институциите и да се обезбеди владеење на правото. Неопходно е и образовниот систем да обезбедува соодветни кадри за потребите на пазарот на трудот, рече политичко-економскиот советник во Амбасадата на Обединетото Кралство во Македонија.
Таа посочи дека е неопходен и мониторинг како ќе се распределува помошта, но и прецизирање колку пари треба да се потрошат за прграмата за економски раст.
Тања Марковска од УСАИД рече дека има дилема дали е подобро да се доделуваат субвенции или даночни олеснувања за компаниите.
– Сметам дека даночните олеснувања за фирмите се подобар пристап. На тој начин на компаниите веднаш ќе им останат пари кои можат да ги вложат во подобар развој, рече Марковска.
Праша дали услужниот сектор во земјва е ставен на страна и оцени дека покрај во ТИРЗ државата треба да им нуди помош на компаниите при решавањето на инфраструктурните проблеми и во домашните зони.
Бојан Шимбов од Светска банка побара во мерката за субвенционирање на извозно ориентираните компании да се третираат нето-извозници, а не само извозници. Истакна дека мерките треба да имаат одреден фискален импакт и да бидат во согласност со европските и светските критериуми.