Се проширува листата на продавници во кои може да се плаќа со домашната платежна картичка. Новите дејности што беа додадени се: продавниците за текстил, обувки, предмети од кожа, спортска опрема, продавници за книги и продавници за мебел, осветлување, производи за домаќинства, објави министерката за финансии, Нина Ангеловска, на својот фејсбук-профил.
Како што наведува, уредбата за домашната платежна картичка вчера беше дополнета и сега граѓаните со домашната платежна картичка може да купуваат домашни производи и услуги во: хотели, одморалишта, кампови и други објекти за сместување, туристички агенции и оператори, ресторани, достава и подготовка на храна и пијалаци, супермаркети, продавници за храна, зарзаватчилници, пекарници, мебел, осветлување, производи за домаќинства, книжарници и продавници за книги, спортска опрема, продавници за облека, обувки, предмети од кожа, аптеки и фризерски салони и салони за убавина и други услужни дејности.
-Бирајте ги производите со „Купувам домашно“ кое ќе биде назначено на гондолата, рафтот, производот, лифлетот во продавниците…бидејќи кога купувате МАКЕДОНСКИ производи и услуги, придонесувате за зачувување на работните места на сите наши сограѓани кои работат во производство или услужна дејност, наведува министерката.