Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата и натаму ќе се намалува, но потребни се структурни реформи за да станеме поотпорни на шокови

Од:

Очекувањата се дека инфлацијата и до година ќе се намалува со натамошно стабилизирање на цените на храната и енергијата на светските берзи, во отсуство на поголеми надворешни и домашни шокови. На среден рок, стапката на инфлација би се свела на историскиот просек од околу 2%. Во следниот период треба да им се посвети внимание на структурните политики со кои би се зголемило домашното производство и би се намалила чувствителноста на домашната економија на некои идни потенцијални шокови, порачува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за Слободна ТВ.

Гувернерката, зборувајќи за најновите податоци за инфлација, посочи дека од четвртото тримесечје лани, кога во октомври беше достигната највисока стапка од околу 20%, се забележува постојано намалување на стапката на инфлација. „Последните статистички податоци од октомври, па и ноември, со стапки од 3,5%, односно 3,1%, го покажуваат трендот на намалување. Нашите последни, октомвриски проекции предвидуваат дека просечната годишна стапка на инфлација за 2023 година ќе биде околу 9,5%. За следната година, се разбира под претпоставка дека нема да има некои поголеми надворешни, но и домашни шокови, очекуваме продолжување на овој тренд при што, на среден рок, би се постигнал историскиот просек за нашата економија од околу 2%“, истакнува Ангеловска-Бежоска и дополнува дека очекувања на Народната банка се многу слични со оние на Европската централна банка за движењата на инфлацијата во еврозоната и ЕУ, којашто очекува постигнување на целната инфлација од 2% во текот на 2025 година.

Ангеловска-Бежоска посочува дека поставеноста на монетарната политика придонесла кон намалување на инфлацијата. Како и останатите централни банки од почетокот на кризата, и нашата централна банка започна со затегнување на монетарната политика, уште на крајот на 2021 година преку операциите на девизниот пазар. „Започнавме поумерено, како што главно правеше централнобанкарската заедница, а потоа и со посилни затегнувања на монетарната политика со каматните стапки. Имајќи ја предвид структурата на нашата економија и нашиот финансиски систем, ние не се ограничивме само на делување преку каматните стапки, туку активно влијаевме и преку ликвидносниот канал, а ги користевме и останатите монетарни и макропрудентни инструменти, коишто ги имаме на располагање“, истакнува гувернерката.

Инфлацијата зависи од многу варијабли, затоа клучно е да се водат претпазливи макроекономски политики, за да се задржат позитивните трендови и на подолготрајна основа да ја стабилизираат инфлацијата и инфлациските очекувања, вели Ангеловска-Бежоска. Притоа, истакнува дека е многу важно преку структурните политики да се придонесе за зголемување на понудата и да се усогласи со побарувачката, со што ќе се намали ранливоста на домашната економија, којашто како високо отворена економија со трговска отвореност 140% од БДП, е исклучително подложна на шокови. Покрај тоа што сме зависни од увоз на енергија, нашата економија има ниска енергетска ефикасност, односно за производство на една единица БДП трошиме трипати повеќе енергија во однос на ЕУ. Како дополнителни фактори коишто влијаат врз инфлацијата се посочуваат и степенот на ефективна конкуренција, односно во економиите каде што има поголема ефективна конкуренција и ценовниот притисок е помал, како и состојбите на пазарот на трудот. Доколку се дејствува кон сите нив, преку структурни политики, би се зголемила отпорноста на економијата.

_______________

Би можело да ве интересира

Средба Ангеловска-Бежоска ‒ Рокас: Независноста на Народната банка е значајна за кредибилитетот на политиките коишто ги води

Гувернерката Ангеловска-Бежоска на Годишните средби на ММФ и Светска банка

Гувернерката ги прими стипендистите од ЕФА: Народната банка дава поддршка за развој на младите

Ангеловска-Бежоска − Салас: Банкарскиот сектор во земјава е стабилен и сигурен

Народната банка потпиша меморандум со Клубот Алпбах за унапредување на финансиската писменост

Ангеловска-Бежоска − Агелер: Народната банка придонесува за стабилноста на економијата и ужива висока доверба