Албанска нафта влегува на македонскиот пазар „маскирана“ во странска инвестиција

Од:

„Голема странска инвестиција“ беше најавена на брендирањето на бензинска станица на „Супертрејд“ под брендот „Галф“ во Скопје. Сопствениците на „Супертрејд“ се пофалија дека зад нив стои „американскиот нафтен гигант „Галф оил“, компанија која во светски рамки вработува над 70,000 луѓе“.

Но, дали познатиот бренд и приказната за странската инвестиција всушност е „завеса“ зад која се крие обид за засилен пласман на албанска нафта во земјава?

„Тоа е една голема странска инвестиција, која донесува највисоки стандарди кои се веќе развиени во светот. Целата оваа инвестиција ќе придонесе и за развивање на идниот бизнис“, рече основачот на „Супертрејд“ Снежана Стаиќ на вчерашното отворање.

Но, фактите за наводната инвестиција и околностите под кои што таа се случува, навестуваат дека во прашање е обид за лажно претставување на проектот во јавноста. Албанската компанија „Сан петролеум“ е застапник за брендот „Галф“ за западен Балкан, што произлегува дека „Супертрејд“ франшизата ја добива од албанската фирма. Бизнис-моделот на „Галф“ насекаде во светот е издавање на лиценци за користење на брендот и договори за дистрибуција. Ниту еден работник на бензинските станици кои го користат брендот „Галф“ не е вработен во главната компанија.

Оттаму, не е јасно како и кога ќе дојдат најавените нови вработувања, колку вкупно капитал ќе биде вложен, ниту какви воопшто придобивки ќе донесе „странската инвестиција“. Од друга страна, „преоблекувањето“ на домашната компанија „Супертрејд“ во светски бренд ќе значи зголемен увоз и продажба на албанска нафта во Македонија.

Уште еден куриозитет околу „инвестицијата“ е учеството на извесен Марио Дадоне на настанот, за кој беше речено дека е претставник на централата – „Галф оил“. На интернет не можат да се најдат никакви податоци за бизнисмен со такво име, ниту за неговата евентуална професионална биографија.

Сопствениците на „Супертрејд“ се пофалија и дека ова е првата бензинска станица под брендот „Галф“ во земјава. Но, станица под тој бренд, повеќе од две години работи во Радолишта – Струга, со лиценца на„Галф оил“ издадена на фирмата „Сан петролеум“ ДООЕЛ Скопје.

Во Централниот регистар како сопственик на „Сан петролеум “ ДООЕЛ Скопје фигурира офшор компанија „Балкан Енерџи Вентурес“ ЛЛЦ од Делавер, а како управител се јавува, Грузиецот Иракли Сванидзе. Нејасно е од каде е грузиската врска во фирмата и дали можеби на тоа мислеле првите луѓе на „Супертрејд“ кога ја најавија „странската инвестиција“?

Неодамна и „Супертрејд“ и македонската „Сан петролеум“ беа посочени во медиумите како увозници на нафта од Албанија во изминатите две години, откако изби скандалот со неквалитетната албанска нафта во Косово. Откако царината го спречи увозот на милион литри докажано неквалитетна нафта од Албанија, косовските бизнисмени алармираа дека шкарт-нафта од Албанија влегува и на македонскиот пазар.

Би можело да ве интересира

Поевтинуваат горивата

Горан Наумовски

Бензините и дизелот остануваат со иста цена, поевтинува мазутот

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Горан Наумовски

Поевтинува дизелот, цените на бензините не се менуваат

Нови цени на горивата

Поскапуваат горивата од полноќ

Орце Костов