Албанска нафта преку „Галф“ влегува на македонскиот пазар?

Од:

Со отворањето на новата бензинска станица „Галф“ во Скопје, компанијата „Супертрејд“, која е дистрибутер за Македонија, најави мрежа на бензински станици под овој бренд во земјава. Првите луѓе на „Супертрејд“ на свеченоста не ја информираа јавноста од каде ќе ја набавуваат нафтата. Земајќи предвид дека главен застапник за „Галф“ за западен Балкан е албанската компанија „Сан петролеум“, извесно е дека на пумпите на „Галф“ во Македонија ќе се точи нафта увезена од Албанија.

Ова не е прв обид преку брендот „Галф“ да се протурка на македонски пазар албанска нафта. Впрочем, на официјалната веб страна на „Сан Петролеум“ постои информација кога и каде претходно во Македонија е отворена иста бензинска пумпа само со друг газда.

Македонската подружница на „Сан петролеум“, заедно со „Супертрејд“ и неколку други компании, беа посочени од медиумите како фирми кои оваа година увезувале албанска нафта во Македонија, откако изби скандалот со 40-те откриени цистерни со неквалитетни горива во Косово.

„Супертрејд“ тогаш испрати демант до медиумите, тврдејќи дека увозот од Албанија е правен бидејќи во текот на 2017 година била блокирана границата со Грција. По ова се појавија докази дека „Супертрејд“ увезувал од Албанија и во 2016 година, кога границата со Грција не била затворена.

Косовската Царина во август спречи увоз на околу милион литри нафта и деривати од Албанија, откако неколку анализи покажаа слаб квалитет на горивата. Претставници на Косовската стопанска комора тогаш алармираа дека ова не е прв ваков случај и дека неквалитетна албанска нафта се продава и на бензинските станици во Македонија и Црна Гора.

„Сан петролеум“ работи со брендот „Галф“ во Албанија од 2014 година. И покрај релативниот успех на компанијата на албанскиот пазар, во јавноста се појавија сомневања за квалитетот на горивата што се увезуваат од Албанија, како и за последиците што тие ги предизвикуваат – проблеми со системот на вбризгување на горивото и блокада на инјекторите, особено кај дизел-моторите.

Влегувањето на брендот „Галф“ во земјава во бизнис-круговите се толкува како засилен продор на албанската нафта на македонскиот пазар, во услови кога македонските институции кои треба да го контролираат квалитетот на дериватите, недоволно доследно ја вршат својата работа.

„Тоа е една голема странска инвестиција, која донесува највисоки стандарди кои се веќе развиени во светот. Целата оваа инвестиција ќе придонесе и за развивање на идниот бизнис“, рече основачот на компанијата Снежана Стаиќ на свеченоста по повод отворањето на скопската станица на „Галф“.

Но, ако се знае досегашната пракса и бизнис-моделот на „Галф“, јасно е дека не станува збор за „странска инвестиција“, туку за соработка со користење на брендот, договор за дистрибуција или франшиза. Во секој случај, албанската нафта преку „Галф“ ќе продре посилно на македонскиот пазар. Според познавачите, имајќи ги предвид досегашните искуства и скандалите кои се поврзуваат со нафтата увезена од Албанија, македонските институции ќе мора да почнат многу посериозно да контролираат пазарот.

Би можело да ве интересира

Поевтинуваат горивата

Горан Наумовски

Бензините и дизелот остануваат со иста цена, поевтинува мазутот

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Горан Наумовски

Поевтинува дизелот, цените на бензините не се менуваат

Нови цени на горивата

Поскапуваат горивата од полноќ

Орце Костов