Вкупно 1.000 единки подмладок од крап и 5.000 единки подмладок од пастрмка се пуштени денеска во акумулацијата Стрежево. Порибувањето на кое присуствуваше министерот за земјоделство, Трајан Димковски, е дел од активностите за зголемување на популацијата риби.
-Со водите од акумулацијата Стрежево се наводнуваат околу 5.000 хектари обработливо земјоделско земјиште, се снабдуваат со сирова вода системот за водоснабдување на Битола и околните населби и се произведува електрична енергија од четири мали хидроцентрали. Акумулацијата Стрежево како дел од овој хидросистем, претставува рекреативна зона каде во убавата природа уживаат жителите на околните места, но и спортските риболовци, рече Димковски кој беше придружуван од директорот на ЈП „Стрежево“ Менде Граматковски и градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска.
Концесијата за управување со ова езеро од минатата година е во надлежност на ЈП „Стрежево“ кое, според министерот, ја оправда довербата, добро управува и стопанисува и успешно се грижи за зачувување на рибниот фонд.
-МЗШВ постојано се грижи за одржување на рибниот фонд во езерските и речните води на територија на целата држава. Со тоа овозможуваме одржување и зголемување на популацијата риби, а воедно тоа значи и грижа за зачувување и заштита на животната средина, спречување еколошки проблеми и зачувување на биодиверзитетот, по примерот на државите од европското семејство, што е и наша цел, истакна Димковски.