Народната банка на Република Македонија продолжува со политиката на фиксен курс на денарот. Таа не треба да се менува додека тој е реален. Ова е пораката по повод одбележувањето на годишнината од монетарното осамостојување.
– Не доаѓа предвид промена на политиката на фиксниот курс на денарот, изјави гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов на Конференцијата „Поставеноста на политиките и глобалното окружување: нов консензус од кризата? со која се одбележува 21 година од монетарното осамостојување.
Поранешниот гувернер Љубе Трпески потенцира дека истражувањата покажуваат дека курсот на денарот се уште е реален и компетитивен.
– Централната банка останува на поддржување на де факто фиксен курс. Сега според најновиот закон курсот го одредуваат заеднички Владата и Народната банка, порано беше само Народната банка. Се додека курсот е реален, може да продолжи таквата политика. Оној момент кога ќе се оцени дека придонесува за намалување на извозот и зголемување на увозот може да се размислува за друг пофлексибилен режим, но тоа мора да биде пропратено со промена и на монетарната стратегија, изјави Трпески посочувајќи дека тој се залага доколку се применува друга монетарна стратегија тоа да биде стратегија на таргетирање на инфлацијата.
Според Богов, фиксниот курс на денарот не е ограничувачки фактор за преземање неконвенционални мерки. – Уште минатата година донесовме една нековенционална мерка, како што е ослободување од задолжителната резерва на кредитите дадени на извозници и инвестиции во енергетски проекти. Тоа е типична неконвенционална мерка, што значи се вклопуваме во она што се случува и во светот и она што беше сугерирано на последните пролетни средби на ММФ и Светска банка. Секако разгледуваме и за во иднина такви мерки. Ќе го оцениме моментот и ќе ја оцениме соодветноста на мерките и можеби ќе имаме нешто такво и понатаму, изјави Богов одговарајќи на новинарски прашања.
За ефектите од мерката, која почна да се применува од јануари годинава, посочи дека се уште не може целосно да се оцени и оти ќе почекаат период од шест месеци во кој ќе може пореално да се види колкав е износот на таквите кредити и колку тоа придонело за кредитниот раст.
Тој посочи дека во март штедењето на населението расте и понатаму и оти е мошне стабилно, а очекува и кај компаниите да има пораст на штедењето.
– Кај компаниите тоа е многу променлива и нестабилна категорија. Зависи од многу фактори. Минатата година имавме одредени одливи кај матичните компании. Оваа година не очекуваме во толкав обем, но како има приливи од странските компании кои работат во Македонија така има и одливи. Тоа е нормална работа. Во некои месеци може да има намалување, во некои пораст, генерално очекуваме дека оваа година ќе имаме пораст дури и кај штедењето на компаниите, истакна Богов.