Танјуг – Белград
Во големите и најпознати музеи ширум светот некои од најзначајните ремек дела се сокриени од очите на јавноста, па се поставува прашање зошто тие не можат да се видат, пишува Би-Би-Си.
Бројките не лажат. Во Музејот на модерна уметност во Њујорк само 24 од 1.221 слики на Пабло Пикасо се наоѓаат во постојана поставка и посетителите можат да ги видат. Само едно од 145 дела на концептуалниот уметник Еди Раш се наоѓа пред очите на јавноста, а што се однесува до Хуан Миро изложени се само 9 од 156 дела.
Ѕидовите на Тејт, Мета, Лувр или Моме изгледаат совршено украсени, но многу уметнички дела кои припаѓаат на најзначајните светски уметнички институции се наоѓаат сокриени од очите на јавноста, во педантно организирани депоа опремени според музејски стандарди.
Во проценти тоа изгледа вака: Тејт прикажува само околу 20 отсто од она што го поседува, Лувр осум, Гугенхајм три, додека во Берлинската галерија можат да се видат само две отсто од тоа што го имаат.
Берлинската галерија поседува околу 6.000 скулптури и слики, 80.000 фотографии и 15.000 принтови.
– Немаме простор да изложиме повеќе, вели директорот на галеријата Томас Колер и објаснува дека тој музеј, иако има околу 1.200 квадратни метри изложбен простор, не е доволен да изложи голем број на дела кои се стекнати со купување и донации.
Меѓутоа, проблемот за просторот е само една од причините. Друг тренд е дека некои дела не се вклопуваат во идеите на кустосите, додека помалите трудови на познати уметници, исто така, пропаѓаат, бидејќи нивните врвни дела веќе ги украсуваат ѕидовите.
– Исто така, некои трудови кои се наоѓаат во музејот стојат во сандаци со години и чекаат да бидат сортирани, објаснува Колер и додава дека некои се сокриени, бидејќи се чувствителни или се оштетени.
Лондонската Национална галерија користи двоен систем за поставување на слики, со што се зголемува бројот на трудовите кои се изложени, а Албертина во Виена поседува над милион стари оригинални принтови кои се стари со векови и многу чувствителни. Поради тоа тие не се изложуваат.
Некои музеи своите колекции ги отворија за јавноста, па во најавено време посетителите можат да ги видат во тек на реставрацијата или во организирани посети на депоата.
Некои од најзначајните дела кои не се често изложувани се: „Полски зајак“ од 1502 година на Албрехт Дирер во музејот Албертина во Виена, потоа „Базен“ од 1952 година на Анри Матис во Музејот на народна уметност во Њујорк, „Мурал на црвената индиска земја“ на Џексон Полок од 1950 година во Музејот на модерна уметност во Техеран и многу други.