Македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски изложува на меѓународниот фестивал Месец на дигиталната уметност во Париз, Франција, во периодот 1-30 јуни 2022 година. Темата на фестивалот е мирот, слободата и ставањето крај на агресијата.
На фестивалот Попоски ќе се претстави со видео арт делото „Парче мир“. „Она што е уникатно за ова уметнички дело е дека сите елементи во него – поезијата, видеото и музиката – во целост се создадени со помош на креативна вештачка интелигенција“, изјави Попоски. Делото на Попоски е застапено и во посебниот осврт кон фестивалот објавен во Артилери Магазин, реномирано списание за современа уметност што се објавува во Лос Анџелес.
Второто издание на Месецот на дигитална уметност во Париз вклучува 30-тина светски дигитални уметници, со изложби на дополнета реалност и видео арт на дузина локации ширум француската метропола. Интерактивна мапа со сите локации и застапени уметнички дела е достапна на сајтот на фестивалот.
Фестивалот е конципиран како едномесечна прослава на дигиталната уметност и новите медиуми во организација на светски реномираниот Саем за крипто и дигитални уметности (KАДАФ).
Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија и САД, а докторирал студии на културата во Скопје. Има реализирано над 100 меѓународни изложби и е добитник на повеќе меѓународни награди за уметност.