„Женидба“ од Гогољ премиерно во театар „Комедија“

Од:

Театар „Комедија“ вечер премиерно ќе ја изведе претставата „Женидба“ на Николај В. Гогољ, во режија на Дејан Пројковски, кој на прес-конференција по повод премиерата рече  дека за секој режисер и актер е предизвик и возбуда да се работи текст на некој од класиците на светската драматургија.

– Нашата „Женидба“ е претстава за љубовта и, би рекол, повеќе е за потрагата по љубовта. Во неа доста се занимаваме со тоа што е љубовта денес, умееме ли да ја препознаеме, умееме ли доволно да дадеме од себе за љубовта. Се занимаваме за темата на бракот, за одлуката и препознавањето на вистинскиот човек. Претставата се врти на две позиции – едната е како Сизиф, секогаш од почетокот на планината стигнуваме до врвот, пронаоѓајќи ја љубовта и освојувајќи, за потоа повторно да почнеме да се качуваме до врвот. Затоа што една од најважните работи во љубовта е освојувањето, кое треба постојано да го правиме. А слично и како Диоген, со фенер во рака се движиме, обидувајќи се да ја видиме и препознаеме вистинската љубов, истакна Пројковски.

Според него, има повеќе стилови во актерската игра, која кулминира во гротеска како специфичен актерски израз, а се темели на два принципа  – на Брехтовата максима дека театарот треба да забавува и на Шекспировата дефиниција за театарот – се се случува сега и овде.

Во претставата играат Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Нина Деан, Едмонд Сотир, Роберт Ристов, Игор Георгиев, Зорица Стојановска, Кристина Ласовска,  Теоман Максут и Анкица Бенинова.

Сценографијата е спонзорирана од фирмата „Златна рака“ и ја изработи Валентин Светозарев. Костимограф е Благој Мицевски, а музиката е на Горан Трајковски. Во претставата има и 3Д мапинг, првпат во затворен простор, кој на отворено беше применет во „Ромео и Јулија“ на Пројковски  за отворањето на ланското „Охридско лето“.

Гогољ ја напишал комедијата „Женидба“ како коментар на популарните романтични комедии од почетокот на 19 век во Русија. „Женидба“ е трета премиера на театар „Комедија“ и беше во програмата за 2012 година.

Би можело да ве интересира

Четворица обвинети за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Горан Наумовски

Театрите и Филхармонија со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024

А1он

Шест години постоење на „Театар Провокација“

А1он

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“