„Женидба“ на Гогољ во театар „Комедија“

Од:

Театар „Комедија“ од петок ќе има нова претстава на репертоарот – „Женидба“ на Николај В. Гогољ, во режија на Дејан Пројковски. Во пресрет на премиерата тој денеска на прес-конференција истакна дека за секој режисер и актер е предизвик и возбуда да се работи текст на некој од класиците на светската драматургија.

– Нашата „Женидба“ е претстава за љубовта и, би рекол, повеќе е за потрагата по љубовта. Во неа доста се занимаваме со тоа што е љубовта денес, умееме ли да ја препознаеме, умееме ли доволно да дадеме од себе за љубовта. Се занимаваме за темата на бракот, за одлуката и препознавањето на вистинскиот човек. Претставата се врти на две позиции – едната е како Сизиф, секогаш од почетокот на планината стигнуваме до врвот, пронаоѓајќи ја љубовта и освојувајќи, за потоа повторно да почнеме да се качуваме до врвот. Затоа што една од најважните работи во љубовта е освојувањето, кое треба постојано да го правиме. А слично и како Диоген, со фенер во рака се движиме, обидувајќи се да ја видиме и препознаеме вистинската љубов, истакна Пројковски.

Подвлече дека има повеќе стилови во актерската игра, која кулминира во гротеска како специфичен актерски израз. Според режисерот, претставата се темели на два принципа  – на Брехтовата максима дека театарот треба да забавува и на Шекспировата дефиниција за театарот – се се случува сега и овде.

Гогољ ја напишал комедијата „Женидба“ како коментар на популарните романтични комедии од почетокот на 19 век во Русија.

Нина Деан, која ќе ја игра Агафија Тихоновна, на пресот рече дека максимално се потрудиле да им дадат нова свежина на секогаш актуелните теми кои ги поставува Гогољ во своето познато дело.  Покрај неа, играат и Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Зорица Стојановска, Кристина Ласовска, Едмонд Сотир, Роберт Ристов, Игор Георгиев, Теоман Максут и Анкица Бенинова.

Сценографијата е спонзорирана од фирмата „Златна рака“ и ја изработи Валентин Светозаров. Костимограф е Благој Мицевски, а музиката е на Горан Трајковски. Во претставата ќе има и 3Д мапинг, првпат во затворен простор, кој на отворено беше применет во „Ромео и Јулија“ на Пројковски  за отворањето на ланското „Охридско лето“.

„Женидба“ е трета премиера на „Комедија“ и е во програмата за 2012 (во која беа и праизведбите „Ах, љубов моја“ во режија на Коле Ангеловски и „За секого има по една“ на режисерот од Бугарија Владлен Александров).

За една година откога постои, театарот извел  51 претстава и имал 11.710 гледачи. Директорката Јелена Жугиќ очекува уште повеќе претстави и публика кога установата ќе работи во сопствен простор – во објектот на МНТ кога тој ќе се пресели во новата зграда. „Комедија“ сега го дели просторот со Драмаки театар и има 5-6 термини во месец.  И за 2013-та театарот аплицирал со три проекти, за кои чека поддршка од Министерството за култура. Една ќе биде праизведба од домашен автор, а другите две светски хитови.

Ансамблот сега има 12 актери, зашто во декември се вработени четворица (Кристина Ласовска, Жарко Димоски, Илија Илијоски и Тања Мицков) како и уметнички раководител – Андреј Цветановски.

Би можело да ве интересира

Четворица обвинети за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Горан Наумовски

Театрите и Филхармонија со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024

А1он

Шест години постоење на „Театар Провокација“

А1он

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“