Во времето на Османлиската империја жени христијанки воделе трговија и имале фирми, а за што поседувале и свои печати, кои, пак од денеска се дел од изложбата “Отпечатена историја” во Кавадарци.
– Тоа е еден податок кој е фасцинантен и добар за потенцирање. Значи дека не е точно кога се мисли дека Османската империја во тоа време била некако дискриминирачка кон жените и кон христијаните. Од печатите може да се извади и тој заклучок дека една таква империја со повеќе нации, мешавина на народи и религии и мешавина на јазици, била многу толерантна и печатите даваат едни такви историски податоци, што нема да ги забележите читајќи ги историските книги. А меѓу оние кои имале печати, можно е да имало и богати кои поради скромност се претставувале како сиромашни, истакна на отворањето на изложбата историчарот Александар Литовски од Битола.
Изложбата чиј автор е Литовски, е под покровителство на градоначалникот и Совет на општина Кавадарци и Министерството за култура, а во организација на кавадаречкиот музеј и Националната установа “Завод и музеј” од Битола.
Тој изрази чест и задоволство од претставувањето на оваа изложба за турските печати кои се наоѓаат во НУ Завод и музеј во Битола.
– Печатите кои се презентирани пред вас се долги години собирани и обработувани во Заводот и музеј. Навидум печатите изгледаат дека се доста едноставни или немаат некоја голема приказна во нив, но можете да забележите дека не е така, нагласи тој.
Се осврна и на функцијата на печатите, затоа што, како што додаде, печатите освен што имаат правна функција да се верифицира некаков документ како денес, си имаат и своја општествена функција, односно сведочат за економскиот развој на една средина и на една земја.
– Печатите се од Битола на крајот на 19. и почетокот на 20. век, кога бил центар на европска Турција и фактички од тој аспект доживеал еден голем економски и културен просветен општествен прогрес и печатите ја сведочат таа состојба на прогрес. Секако печатите имаат и своја друга димензија, особено во исламската уметност, воопшто калиграфијата или уметноста на убавото пишување е една многу значајна нишка на цела исламска уметност, а тоа во империјата било особено развиено, рече авторот.
Мери Стојанова, в.д. директор на НУ “Завод и музеј” од Битола, рече дека ова е само еден дел од огромната музејска збирка која што ја поседува институцијата и изрази надеж дека ќе продолжи соработката со кавадаречкиот музеј.
Пред присутните се обрати и Весна Ѓорѓиева, в.д директор на кавадаречката културна установа. Таа појасни дека изложбата содржи турски печати предадени на 40 паноа кои што се претставени на платно.