По премиерата во јули на „Охридско лето“, Драмски театар-Скопје на 8 октомври премиерно во Скопје ќе ја изведе претставата „Ждрело“ по текст на Жанина Мирчевска и режија на Зоја Бузалковска.
Мирчевска, која живее и работи во Словенија, овој текст го напишала во 2006 година. Три години подоцна тој е одигран во Словенско народно гледалишче во Љубљана, а потоа е избран и за едицијата Современа европска драма (2012).
„Ждрело“ е трагикомедија за кризата на духот и лакомоста со која човекот самиот се уништува, за глобалната ненаситност и консументскиот нагон на современото општество. Во главната улога е актерот Рубенс Муратовски – безимен лик кој поради алчноста запаѓа во потрошувачки вртлог и неговот пат од сиромашен, отпуштен продавач на автобуски карти до наследник на огромно богатство минува низ пекол.
Според режисерката Бузалковска, да се работи текст на Жанина Мирчевска е опасен и лизгав терен.
– Јас тоа си го приредувам вторпат, еднаш го работев нејзиниот текст „Таму каде што не сум бил“. Актерите ве дочекуваат со големо разбирање, големо одушевување и голем шок кога им нудите еден таков текст за работа, зашто и самиот начин на кој е напишан е различен и посебен од она што навикнале да работат секојдневно. И токму затоа е огромен предизвик, особено што овој текст се зафаќа со многу жешки, актуелни, денешни и бескрајно универзални теми. Ова не е претстава која се занимава само со нас и овде, туку се занимава со секаде и со сите, со проблеми кои го засегаат целото човештво. Во таа смисла, тргнува од една конкретна, мала приказна и ја шири до универзални размери што е секогаш провокација за работа, рече Бузалковска на прес-конференција.
Муратовски, кој соработува со Бузалковска во сите нејзини претстави во Драмски, рече дека текстот бил исклучтелно тежок за работа.
– Исклучително тежок начин на пишување и на помнење на текстот, што е основно за актерот, затоа што така пишува Жанина. Се надевам дека ќе ве заболи она што ќе го видите – стадиумот до кој е дојдено човештвото, рече Муратовски.
Покрај него, во „Ждрело“ играат и Лилјана Велјанова, Диме Илиев, Трајанка Илиева-Вељиќ, Филип Трајковиќ, Димитрија Доксевски, Александар Степанулески, Соња Стамболџиоска и Ивана Павлаковиќ.
Сценографијата е на Љупчо Јованов, костимографијата на Лира Грабул, а композитор на музиката Огнен Атанасовски. Драматург е Александра Бошковска, која рече дека нејзина задача била да биде посредник меѓу текстот и концептот за претставата.
– Форматот и начинот на кој е напишан текстот да се почувствува на сцената, рече таа.
Директорот на ДТС Роберт Велјановски на прес-конференцијата најави уште две премиери: „Капетанот Џон Пиплфокс“ во режија на Коле Ангеловски и „Секс, дрога и рокенрол“ – монодрама на Ристо Алексовски, целосно финансирана од ДТС.
По 20 месеци пауза, Драмски на репертоарот ги враќа претставите „Хамлет“ и „Генетика на кучињата“, двете во режија на Дејан Пројковски. „Генетика…“ по текст на Венко Андоновски е утре на сцената на ДТС, а „Хамлет“ на 16 октомври.
ДТС со „Хамлет“ пред две недели освои две награди на Интернационалниот фестивал на алтернативен театар-ФИАТ во Подгорица – за режија (Пројковски) и за улогата на Хамлет (Дејан Лилиќ).
– Наградите најчесто се небитни, битна е работата. Се гордеам што претставата се враќа на репертоарот на Драмски, театарот каде што ја почнав кариерата, рече Лилиќ.
Постановката на Пројковски е најигран македонски „Хамлет“, рече директорот на ДТС и соопшти дека постерот за претставата (на фотографката Елена Бојаџиевска) е објавен во њујоршко издание за плакати од претстави од Шекспир.