Македонскиот скулптор Жарко Башески ќе биде дел од изложбата „Преобликувана реалност, 50 години хиперреалистична скулптура“ што ќе се одржи во Билбао, Мексико и Копенхаген во период од една година.
Врз основа на избор на околу 30 хиперреалистични скулптури од 24 врвни меѓународни уметници, изложбата ќе го прикаже развојот на човековата фигура во хиперреалистична скулптура во текот на последните 50 години. Во рамки на овој светски проект ќе биде изложено делото „Обичен човек“ на Жарко Башески меѓу делата на познатите уметници како што се Рон Мјуик и Сем Џинкс.
– За мене е голема чест да бидам избран од една реномирана германска институција во 20-те најпознати современи автори од ликовната уметност. Моето присуство исто така потврдува дека и автори од овие простори, како што е Македонија може да остават важен белег и да бидат во кругот на најдобрите, а воедно тоа е стимул за секој уметник во потполност да се изрази себе си преку творештвото кое го создава, изјави Жарко Башески.
Во три музеи, во Шпанија, Мексико и Данска ќе можат да се видат најзначајните светски уметнички остварувања на столетието. Една од носечките теми на изложбата е наречена „Димензии“. Во рамки на оваа тематска целина ќе бидат претставени дела од уметници кои користат хиперреалистилен начин во претставувањето на човечки фигури.
Изложбите ќе се одржат во три градови во период од една година. Од 7 јуни до 26 септември годинава во „Museo de BellasArtes de Bilbao“ во Билбао, од 15 октомври 2016 до 8 јануари 2017 година во „Museo de Arte Contemporáneo de Monterrey“ во Мексико и од 4 февруари до 6 август 2017 во „ARKEN Museum of Modern Art“ во Копенхаген.