Згасна фестивалскиот оган на Античкиот театар, спуштена завесата на „Охридско лето“

Од:

Со синоќешната претстава „Одисеј“ по текст на Горан Стефановски, во режисерска поставка на Александар Поповски, а изведена од страна на актерска екипа од повеќе театарски куќи од речиси цела поранешна Југославија, беше затворено годинашното 59-то издание на „Охридско лето“.

Згасна огнот на речиси целосно исполнетиот Антички театар, а со него и магијата и возбудата што изминатите 40 дена ги исполнуваше фестивалските сцени. Педесеттина музички, сценски, поетски и содржини од ликовното творештво и беа понудени на фестивалската публика во Охрид, на Античкиот театар, во црквата „Света Софија“, во предворјето на црквата, на Долни Сарај, уметнички остварувања и доживувања што остануваат врежани во богатата историја на најголемата и најзначајната културна манифестација во земјата.

На синоќешното свечено затворање на фестивалот пред бројните вљубеници во уметноста, меѓу кои и министерот за култура Хусни Исмаили, амбасадори на повеќе држави, пратеници, уметници, новинари, актерите од театарските куќи „Гавела“ од Загреб, „Улисис“ од Бриони, Српскиот народен театар од Нови Сад, СНГ „Драма“ од Марибор, „Ателје 212“ од Белград, Стериин Театар и Театар „Навигатор“ од Скопје „го вратија“ Одисеј дома во Итака. И самиот режисер на претставата, Александар Поповски, кој е и селектор на драмската програма на „Охридско лето“ на завршната прес-конференција вчера рече дека токму тоа е и причината со „Одисеј“ да се затвори годинашното фестивалско издание, за преку таа изведба да се врати и починатиот автор Горан Стефановски во Охрид.

Претставата понуди еден поинаков драмски пристап на одисеевата епопеја, со освежен текст и извонредна театарска игра на Oзрен Грабариќ, Aнита Манчиќ, Бранко Јордан, Наташа Матјашец Рошкер, Светозар Цветковиќ, Борис Исаковиќ, Jасна Џуричиќ, Дијана Видушин, Фрањо Дијак, како и нашиот Никола Ристановски, сето надополнето со внимателно поставена музичка матрица на „Фолтин“. Магијата под ведро небо и прекраснниот амбиент на Антички само дополнително придонесоа за целосно уметничко доживување и пат низ времето…

Годинашното фестивалско издание во Охрид донесе повеќе од 500 уметници, како домашни, така и врвни изведуавачи од Италија, Австрија, Русија, Бугарија, Германија, Чешка, Словенија, Албанија, Норвешка, Хрватска, Франција, Србија, Косово, Финска, но и бројни гости кои дојдоа токму заради фестивалските содржини.

Од сработеното изминатите 40 дена, но и преку содржините реализирани надвор од вообичаената програмска шема, задоволни се во управата на Националната установа. Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“, Васо Ристов, со оценки дека е реализирано уште едно квалитетно, врвно, атрактивно фестивалско издание, како што рече, „достојно за паметење“.

– На врвните и маестрални изведби на брилијантните уметници, многубројната фестивалска публика им возвраќаше со долги стоечки овации на што уметниците се оддолжуваа со по три или четири биса. Задоволни беа и изведувачите, гости на фестивалот, кои упатија голем број пофалби до фестивалот за прекрасната организација на сите учесници, за реализација на фестивалот, гостопримството, топлата и внимателна публика, како и неповторливата акустика на сценските простори, посебно во црквата „Св.Софија“. Тие постојано ја искажуваа својата почестеност што се дел од ова фестивалско издание, фестивал кој е еден од најзначајните европски фестивали, со голема традиција и одличен рејтинг. Воодушевени и од убавините на Охрид, уметниците изразија желба повторно да се вратат и да бидат дел од оваа манифестација, истакна Ристов.

Според селекторот на драмската програма на „Охридско лето“, Александар Поповски, драмската програма на годинашното фестивалско издание исто така понуди квалитетни театарски претстави со театарски куќи. Оцени дека внеле свежина на фестивалот и оставиле силен печат врз публиката. Тој најави дека веднаш започнуваат подготовките за следното фестивалско издание.

– „Охридско лето“ е врвот кога станува збор за културните манифестации во нашата земја. И она што не чека догодина се 60 години и навистина една преубава можност да започнеме нов круг и нова приказна со „Охридско лето“, рече Поповски.

На завршната прес-конференција, директорката на установата Наташа Поповиќ и програмските селектори најавија дека следната година, по повод јубилејот на шеесеттото издание, „Охридско лето“ ќе биде збогатено со нови содржини кои ќе ги потврдат и продолжат високите позиции што фестивалот ги ужива во рамки на Европската асоцијација на фестивали.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма