Завршува јубилејната 40. Галичка свадба

Од:

Со изведување на свадбените ритуали и со венчавката на младенците, скопјанката Александра Крстевска (26) и мавровецот Васе Ѓорѓевски (27) денеска завршува традиционалната Галичка свадба.

Во Галичник ќе присуствува и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов кој е и покровител на манифестацијата.

Галичката свадба годинава се одржува по јубилеен 40. пат, а почна синоќа со китење и истакнување на бајракот и три истрели од пушка.

Двата дена со звукот на зурлите и тапаните на дебарските музичари „Мајовци“ се играат изворните ора, „тешкото“, „невестинско“, „свекрвино“. Меѓу покарактеристичните обичаи се и „носењето на невестата на вода“, „канењето на мртвите“, „бричењето на зетот“, „земањето на невестата“, „замесувањето на лебот“.

Учесниците во поворката, во која поголемиот дел се статисти, на себе носат ракотворени стари носии, изработена во срма.

Свадбата официјало почнува со обичаи во домот на невестата по кои за гостите и посетителите се организира етно концерт на платото пред чешмата Упија.

Првата „Галичка Свадба“ е одржана во 1963 година. По две изданија, повторно е обновена во 1973 година. Откако е пуштен во употреба патот Маврово-Галичник, се одржува во континуитет.

Манифестацијата е инспирирана од желбата на жителите на Галичник да ги сочуваат од заборав обичаите карактеристични за мијаците. За православниот празник „Петровден“ се случувало и повеќе десетици двојки да се венчаат во ист ден. Според галичани, причината за одржување на толку венчавки во кус период е во доаѓањето на мажите од печалба. Неретко се случувало, мажите да направат свадба и кусо време да напуштат своите сакани.

Би можело да ве интересира

Претседателот Пендаровски и сопругата Ѓоргиевска на „Галичка свадба“

Презентација на програма за културната манифестација „Галичка свадба“

Галичка свадба 2022: Спој на традицијата, културното наследство и вистинските партнерства

Галичка свадба викендов, Катерина и Филип – годинашни младенци

Разумот посилен од традицијата, Галичката свадба повторно одложена

Искра Манојлоска

Одложена годинешната „Галичка свадба“, можно е да се одржи на Голема Богородица

Жарко Настоски