Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците и музеј – Битола ги завршија годинашните археолошки ископувања на неолитската населба Велушка Тумба во село Породин, Битолско, соопшти Министерството за култура.
Од почетокот на годинава, на овој локалитет археолозите открија наоди кои ќе ги збогатат научните сознанија од областа на станбената архитектура, економијата и духовниот живот на жителите од оваа неолитска населба. Пронајден е богат движен инвентар: керамички садови, фрагментирани култни предмети со пластично моделирани антропоморфни и зооморфни претстави и жртвеници.
Првите истражувачки активности на неолитската населба Велушка Тумба се почнати во 1953 година.
Со досегашните археолошки истражувања на праисторијата во Битола и Битолско, регистрирани се и евидентирани над 150 локалитети со фонд од неколку илјади предмети.