Завршија археолошките истражувања на локалитетот Кале кај селото Стари Град

Од:

Екипа на Народниот музеј од Велес во рамки на проектот финансиран од Министерството за култура деновиве заврши со тринеделните археолошки истражувања на локалитетот Кале кај селото Стари Град.

Истражувањето беше под раководство на археологот Анита Василкова Мидоска, која појасни дека тоа е продолжение на истражувањата што ги реализирале во 2005 и 2006 година.

Фокусот на годинашните истражувања бил насочен на просторот на подградието на тврдината со цел да се утврди хронолошката рамка на егзистирање на поединечни простори од локалитетот.

– Со овие истражувања беа откриени значајни наоди и од аспект на недвижното културно наследство и од аспект на движното културно наследство. Со ископувањата беа откриени неколку станбени објекти со тоа што еден станбен објект таканаречена „villa urbana“ беше поопсежно истражен и беа утврдени неколку градежни фази односно интервенции и ремоделации на просторот на кој се наоѓа објектот. Благодарение на движните наоди можеме да заклучиме дека овој објект егзистирал во античкиот период. Од аспект на недвижното културно наследство делумно се откриени уште три објекти од античкиот период кои се надеваме дека во иднина ќе се доистражат, истакна Василкова – Мидоска.

Таа информира дека најголем дел од движните наоди пронајдени со овие истражувања претставуваат керамички садови кои опфаќаат широка хронолошка рамка од Железното време се до доцноантичкиот период.

Поголемиот број од садовите претставуваат садови за секојдневна употреба (чинии, бокали, шолји и слично) и се од локалната продукција. Пронајдени се и луксузни примероци како на пример фрагменти на садови кои припаѓаат на групата од типот на таканаречената terra sigillata, а кои веројатно се импорти од соседните поголеми центри на Римската Империја.

– Ова укажува на фактот дека жителите на оваа населба одржувале интензивни трговски контакти на пошироката територија на Римската Империја, појаснува Василкова-Мидоска.

Во периодот што следи е планирана обработка на движниот археолошки материјал, а потоа и негова конзервација со цел да биде научно обработен и презентиран пред пошироката јавност.

– Грандиозноста и големината на објектите налага подолготрајни и поопсежни истражувања. Сознанијата и резултатите добиени со овие ископувања претставуваат добра основа за продолжување на откривањето на минатото на овој археолошки локалитет. Затоа очекуваме дека Министерството за култура и идната година ќе ни одобри средства за продолжување на овие значајни археолошки истражувања, потенцира археологот Анита Василкова-Мидоска.

Би можело да ве интересира

По 70 години прво подземно скенирање на наоди во античкиот локалитет „Стибера“ кај Прилеп

Ана Ололовска

Египет ги изложи неодамна откриените артефакти стари 2.500 години

Предраг Петровиќ

„На север од егејскиот свет“ – нова книга на археологот Драги Митревски

Минатата година се зголеми македонското археолошко богатство, а науката доби лабораторија за прецизирање на фактите

Ана Ололовска

Конференција за предисториска археологија „Предисторија на Балканот“

Ана Ололовска

Завршија овогодишните истражувања на Градиште-Бислим кај кумановското село Пчиња

Ана Ололовска