Со изложба на делата од учесниците на годинашната колонија што се одржа во галеријата на стариот манастирски конак, синоќа официјално беше затворено дваесет и деветтото издание на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“.
На годинашната колонија твореа осумнаесет автори од девет држави кои создадоа педесетина дела, од кои по две од секој автор остануваат во богатата манастирска збирка. На колонијата првпат учествуваа уметници од Белгија и Грција, а имаше учесници и од Словенија, Романија, Украина, Турција, Бугарија, Србија и Македонија.
Јордан Михајловски, член на Советот на колонијата истакна дека годинава имаше учесници од девет држави и додаде оти ова беше мала „арт-олимпијада“.
Уметниците твореа на слободна тема а, како што рече, амбиентот и сакралноста на просторот беа исконска побуда да се создадат повеќе духовни рожби на „Св. Јоаким Осоговски“ испишани со разни ликовни ракописи.
– Уметниците десет дена твореа во ова древно македонско светилиште. За нив важеше она што го рече големиот Петар Мазев, еден од иницијаторите за создавање на колонијата, дека сиот концепт со кој дошле тука се фрла во вода. Овде не може да не ве возбудува амбиентот, просторот во кој ја гледате темнината, а ја слушате светлината, изјави Михајловски.
На изложбата присуствуваа заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, познатиот македонски драматург Јордан Плевнеш, Ив Робер, претстедател на Европската пијано програма на Европската унија-проект за Македонија, претставници од МПЦ, градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски, пратеникот во Собранието на Македонија од Крива Паланка Слаѓана Митовска и бројни љубители на уметноста од општината.
– Дваесет и девет години Министерството за култура ја поддржува оваа колонија која сплотува разни ликовни енергии од државава и од светот, а се надевам дека следната, јубилејна 30-та колонија ќе има учесници од триесет држави. Посакувам колонијата да доживее и стогодишен јубилеј и да биде амбасадор на македонската култура, бидејќи Македонија е држава на културата и богатото културно наследство, рече заменик-министерот Недељковиќ.
Меѓународната ликовна колонија се организира под покровителство на управата на манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.