Археолозите од Куманово го завршија истражувањето на северната тераса на локалитетот Татиќев Камен Кокино, информираа денеска надлежните од Кумановскиот музеј.
Од установата соопштија дека тимот археолози предводен од Јовица Станковски пронашле фрагменти, но и цели керамички садови од кои дел веќе се однесени во конзерваторското одделение на обработка.
– Се работеше на северната тераса, со цел целосно да се доистражи. Пронајдените фрагменти и садови ја потврдуваат приказната дека станува збор за светилиште. Следува период на конзервација на пронајдените откритија. Од септември ќе почне да се работи на конзервација на ѕидот на северната тераса, бидејќи тој половина веќе е завршен, а половина се чекаше да се завршат систематските археолошки истражувања, па да се работи на конзервацијата, како што и течат работите. Се надеваме дека наредната година, сето ова ќе биде заокружено со изложба на која ќе бидат презентирани пронајдени материјали од Кокино, изјави директорката на НУ Музеј, Анита Цветановска.
Проектот е директно поддржан од Владата на РМ. Истражувањата почнаа на почетокот на јули, додаде Цветановска
Во тек е и истражување на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане. И овој проект е капитален и поддржан од Владата, и се работи во координација со Управата за заштита на културното наследство, додаде Цветановска. Раководител на овој проект е проф.д-р Марјан Јованов од Скопје. На Градиште од 15 јули интензивно работи екипа од конзерватори од Скопје и археолози од Куманово.
– Се работи за античко-пајонски град, откриени се голем број остатоци од архитектура кои сведочат за високо културно ниво на живеење на овие простори во периодот од 4 и 3 век п.н.е. Откриени се остатоци од луксузна градба за која археолозите сметаат дека е палата која, веројатно, на почетокот на 3 век п.н.е. била уништена од воените дејствија на келтски племиња кои наидувале од западна Европа, изјави Цветановска.
Досега се откриени фрагменти од керамички садови, остатоци од обработена камена пластика. Од Музејот на Куманово се надеваат дека до крајот на истражувањето ќе има луксузни откритија, бидејќи минатата година на овој простор беа откриени два јонски капители, кои според својата изработка и изглед беа единстевни за овој дел од Македонија. Истражувањата на локалитетот Градиште ќе траат наредните дваесетина дена.