Заврши непосредната заштита, конзервација и реставрација на архитектурата на црквата „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во село Младо Нагоричане, во општина Старо Нагоричане, во рамки на програмата на Министерството за култура.
Како што информира Министерството за култура, обемната конзервација и реставрација на овој значаен споменик на културата од поствизантискиот период е спроведена во повеќе фази, при што стручните екипи на Националниот конзерваторски центар во целост извршиле консолидација на архитектонско-конструктивната структура на црквата, изведба на дренажен систем и партерно уредување.
Претходно на овој сакрален објект е извршено зацврстување на конструктивниот систем и на покривот, како и санација на фасадите и на потпорните ѕидови околу црквата.
Со овие активности, како што се наведува во соопштението, е заштитен вреден споменик на културата кој потекнува од 16 век и кој е симбол на препознатливост на овој регион.
Црквата „Св. Ѓорѓи Победоносец“ е трикорабна базилика со развиен впишан крст во основата. Оваа монументална црква е изградена од разнобојни обработени камени блокови, фасадно декорирана со керамопластични елементи и една од повеќето сакрални градби во кругот на голема монашка заедница.