Во населбата Карпош во Куманово синоќа официјално заврши тринаесеттата Меѓународна ликовна колонија „Карпино 2015“ на која учествуваа 15 уметници од Македонија, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Украина.
– На Денот на независноста ја затворивме 13-та колонија во рамките на која уметниците создадоа над 35 дела. Тие прво ќе бидат презентирани пред кумановската публика на изложбата што се реализира во чест на Деновите на градот, а потоа ќе бидат поставени во галериите во другите градови од државата, изјави Зоран Павловски, претседателот на Здржението на граѓани Мултимедијален центар Карпино, кое е организатор на колонијата по затворањето наманифестацијата.
Уметниците, нагласи, се инспирираа од Карпинскиот манастир, лоциран на подрачјето на општина Старо Нагоричане.
Уметниците кои учествуваа на годинашнава колонија се задоволни од учеството и сметаат дека е потребно ваквите проекти да се поддржат во секоја смисла. За нив учеството на колонијата е можност за размена на искуства.
– Уметниците твореа во класични и комбинирани техники, изјави Мирослав Величковски, уметничкиот раководител на колонијата.
Дел од делата создадени на оваа ликовна колонија ќе останат во депото на здружението, а дел ќе бидат доставени до институциите и установите во општина Куманово.