Инспиративен мастер-клас одржа филмската легенда, монтажерот Андрија Зафрановиќ на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Тој сподели совети за работата на монтажерите и како самиот му пристапува на филмот.
-Монтажата е трета режија на филмот – првата е сценариото, втората режијата, а третата монтажата. Во монтажата се е возможно. Сите проблеми се решливи, со комбинаториките доаѓате до тоа што ви треба. Во таа фаза е особено важна методологијата. Не постои добро монтиран филм, а лош филм. Не може да има добра музика, а филмот да е лош. Монтажата не може да биде препознатлива, таа мора да се става во контекст. Јас не сум роб на занаетот. Монтажерот треба да му помага на режисерот и му помага да биде помалку субјективен – рече тој.
Тој сподели анегдоти од големото искуство.
– Во филмот „Уставот на Република Хрватска“, што ќе го гледате вечерва, беа снимени три сцени во кои актерот кулминираше и тоа беа најдобрите сцени во филмот. Но, се замислив дека токму тие сцени многу му одземаат на филмот, го заслужуваат и гледачот ќе нема желба да го догледа филмот. Му предочив на режисерот Грлиќ, кој размислуваше две недели и на крај се согласи со мене тие сцени да ги скратиме – додаде Зафрановиќ.
Наградата за животно дело за монтажа вечерва во 20 часот во Кинотеката на Македонија ќе му биде врачена на годинашниот лауреат Андрија Зафрановиќ кога во негова чест ќе биде прикажан филмот „Уставот на Република Хрватска“ во режија на Рајко Грлиќ. Тој утрово од 11 ч. на Факултетот за драмски уметности во Скопје одржува мастер-клас пред студентите и претставници оф фелата.
Денеска на програмата на фестивалот беше и работилница на тема „Виртуелната реалност како технолошки нов начин на создавање на приказни, применета во филмови и видеоигри“, под менторство на Петар Котевски која се одржа на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА – Скопје.
Од 16 часот во Кинотеката на Македонија ќе биде прикажан избор на студентски филмови во соработка со Факултетот за драмски уметности од Скопје, ЕСРА, Факултетот „Гоце Делчев“ од Штип и Академијата ФИОФА од Охрид.
Програмата продолжува во Кинотека со проекција на филмот „Центарот на мојот свет“ на Јакоб Ерва (18 ч.) и семејната драма „Лето 1993“ (2017) на Карла Симон кој беше најдобар дебитантски филм на „Берлинале“ (22 ч.).
Со врачување на наградите и проекцијата на копродукцијата „Хармс“ завршува фестивалот на филмската монтажа „Синематик“
Со врачување на наградите за најдобра монтажа и проекција на филмот „Хармс“ во режија на Иван Болотников, утревечер во 20 часот во Кинотеката на Македонија, завршува Фестивалот на филмската монтажа „Синематик“. „Хармс“ е прва копродукција помеѓу Русија и Македонија со учество на Литванија како втор копродуцент. Овој филм веќе освои повеќе меѓународни награди, меѓу кои и две награди на филмскиот фестивал во Шангај, кој е еден од петте најголеми и најпрестижни филмски фестивали во светот. Посебно значајна улога од македонска страна има копродуцентот Сашо Павловски, како и композиторот Сони Петровски, кој ја компонираше целата музика за овој филм. Филмот ја раскажува приказната на советскиот авангарден писател и поет Данил Иванович Јувачов, во светот познат како Данил Хармс. За главната награда „Златен рез“ за најдобар монтажер одлучува тричлено жири во состав: Миле Петковски, претседател, Благоја Неделковски и Ванчо Мираковски, членови.
Фестивалот официјално завршува утре во 22 часот кога ќе биде прикажана германската драма „Генерација Милениум“ (2017) во режија на Јана Биргелин. Повеќе за распоредот на проекциите овде: http://cinematicff.com/program.html.
Фестивалот синоќа беше отворен со македонска премиера на албанско-италијанско-македонската копродукција „Скршено“ во режија на Едмонд Будина.
Фестивалот го организира Асоцијацијата на филмски професионалци и ТВ-соработници на Македонија Скопје, со поддршка од Агенцијата за филм на Р. Македонија.