Мал драмски театар-Битола и театарот „Андреас Вутцинас“ од Солун ги почнаа подготовките на театарската претстава „Кралот Рес“ од Еврипид, а заеднички ќе приредат изложба на антички маски од комедии и драми.
Проектот „Интеракција низ глума: Од драма до современа уметност-Интеракт“ финансиран од ИПА-програмата на ЕУ за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Грција почна на 26 јануари во Солун, а ќе се одвива во двата града, информираат од Мал драмски театар-Битола.
– Конференцијата на свеченото отворање се одржа во просториите на театарот „Авлеа“ во Солун и уште од првиот момент почувствувавме дека на овој заеднички проект му претстои успех. Освен копродукциската театарска претстава „Кралот Рес“ за културната јавност во Македонија и во Грција ќе понудиме и други културни содржини, истакна Александар Лозановски, продуцент во Мал драмски театар-Битола.
Во рамки на овој европскиот проект во Битола и во Солун ќе се одржат и семинари со образовни и социјални теми и други придружни активности, информираат од Мал драмски театар.