Во Младинскиот културен центар в понеделник во 20 часот ќе биде отворена втора самостојна изложба на Лазе Трипков, основач на Плакарт и Скопје постер фестивал. Изложбата, која ќе трае до 30 ноември, ќе претстави плакати создадени во периодот од 2004 до 2014 година и ќе биде во пресрет на 7. Скопје постер фестивал.
Трипков е иницијатор и куратор на над 30 меѓународни проекти, вклучувајќи ги сите досегашни шест изданија на Скопскиот постер фестивал, 20-тина поконкурсни изложби на Плакарт надвор од Македонија (Њујорк, Прага, Варшава, Белград, Истанбул, Париз, Лисабон…), ко-основач на Скопската недела на дизајн.
Членува во одборот на Варшавското биенале на плакат, кое е најстаро и најквалитетно, и е чест гостин на меѓународни проекти од профилот на графичкиот дизајн во и надвор од државата во својство на предавач или член на жири.
– Графичките дизајнери, независно од какво етничко потелко се и независно од средината во која творат, се тие кои ги решаваат визуелните комуникациски проблеми. Oд есенцијално значење е вештината на размислување и создавање перцепција со слики, зборови и симболи. Способноста да се создаде убедлива или информациска перспектива на некоја идеја е многу важно. Но, најважната работа во дизајнот е да го создадеш патот, пишува во каталогот кој Трипков го подготви за изложбата во МКЦ.