Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола вечер во Националната галерија во овој град ќе ги додели меѓународните награди и призинанија што членовите на студиото ги освоија или добија од своите учества на ликовните фестивали во светот.
Раководителот на студиото Коста Хаџиантоновски рече дека станува збор за традиционална манифестација која секоја година се одржува на 25 јануари, денот на раѓањето на Тоше Проески, а оваа година направиле мало поместување во календарот на настани бидејќи го организираат заедно со Министерството за култура.
– Вечер ќе бидат доделени 40 меѓународни награди на 15 членови на студиото што ги освоија на ликовните фестивали во Јапонија, Чешка, Полска, Индија, Унгарија, Романија… Оваа манифестација секоја година ја организираме на 25 јануари, денот на раѓањето на вечната ѕвезда на студиото Тоше Проески, но овојпат направивме мало поместување во календарот на настани затоа што вечерашната свеченост ја организираме заедно со Министерството за култура. Меѓу 15 деца добитници на меѓународни признанија се и два ученика од општина Могила и тоа е новост во манифестацијата, бидејќи досега не сме имале наградени членови на студиото од таа општина, посочи Хаџиантоновски.
Свеченото доделување на меѓународните награди и признанија и промоцијата на наградените ликовни творби ќе се одржи во Националната галерија на детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ што се наоѓа во Старата битолска чаршија.