Врачено признанието лауреат на актерот Ристановски и промовирана монографијата 15 години МТФ „Св. Јоаким Осоговски“

Од:

Нa свеченоста во организација на Општина Крива Паланка денеска му беше врачено признанието лауреат на 16-то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ на актерот Никола Ристановски за неговиот особен придонес во театарската уметност во земјава и во странство.

– Чувствувам огромна благодарност. Не само поради името на наградата и поради тоа што сум прват овде, туку затоа што чувствувам еден редок однос, ретка емоција, редок пристап. Не само од општината, градоначалникот, пријателите, туку воопшто од луѓето што за ова кратко време успеав да ги сретнам, истакна големиот актер по врачувањето на признанието.

Ристановски и е познат на јавноста по бројните и брилијантно одиграни улоги во театарот, филмот и ТВ сериите и е најтрофејниот, најнаградуваниот актер во историјата на македонскиот театар. Тој потенцираше дека професијата актер нема смисла доколку нема потполно давање и дека нејзината суштина е во споделувањето.

– Во оваа пригода сакам да ги споменам заслужните и познати кривопаланчани како режисерот Кирил Ценевски и апсолутно уште едно големо име на кое многу му должам, актерката Милица Стојанова, кои се дополнителна причина што денеска навистина се чувствувам среќно, па и градиозно и свечено, а веќе утре, продолжувам со работа, рече Ристановски.

За актерското мајсторство на лауреатот говореа актерот Благоја Чоревски и Гоце Ристовски, истакнат публицист, театарски критичар, драмски автор, писател и новинар.

– Во тебе се собрани сите луѓе на овој свет, и оние што ги нема, и оние што ги има, и оние што допрва ќе дојдат. Тоа го можат само вистинските мајстори-актери. Твојата игра не се темели на гегови, на премногу физичка активност, твојата игра е поема на поет кој ја изразува на сцената или како што велеше Гротовски, му порача на Ристановски, Гоце Ристовски.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, му ја честиташе наградата на лауреатот и се осврна на изминатите 15-години создавање театарска уметност и растеж и развој на кривопаланечката сцена .

– Овој фестивал не е само културна манифестација од големо значење за општината и за регионот, туку и вистински празник на уметноста и креативноста. Во изминатите 15 години,МТФ „Свети Јоаким Осоговски“ стана светилиште на театарската уметност, место каде што се вкрстуваат идеи, култури и таленти од балканскиот и европски регион. Посебно сме горди кога ќе се осврнеме на 15-годишиот јубилеј и ќе видиме дека оваа скромна сцена не само што се трансформирала во простор на креативност, туку станува и дом на регионалната театарска заедница, истакна Митовски.

На свеченоста беше промовирана и монографијата „Од театар го Балкан без граници“’, по повод 15 години „Свети Јоаким Осоговски“, од хроничарот на театарскиот фестивал, паланчанец по потекло, Гоце Ристовски.

Промоторот на монографијата Глигор Стојковски, рече дека станува збор за „мало чудо“ затоа што Крива Паланка нема театар,а веќе 16 години по ред успешно гради меѓународен театарски фестивал.

– Оваа монографија сведочи за брзиот и постојан подем на фестивалот на кој настапиле сите македонски театри, но и театри од регионот. Тука се претставиле со своето актерско мајсторство врвни актерски имиња, а големи актери и драматурзи се носители на наградата лауреат. Авторот Ристовски, пак, се наметнува не само како вонреден литерар, туку и како одличен познавач на историската и културна ризница на својот роден град, рече Стојковски.

Здружението за промоција на театарската уметност „Театарски фестивал“ од Крива Паланка, признанија врачи и на НУ Центар за култура, Министерството за култура и туризам, како и на поранешните градоначалници Арсенчо Алексовски, Борјанчо Мицевски и актуелниот градоначалник Сашко Митовски за особен придонес и развој на театарската уметност во општината.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Тринаесет маратонци ќе трчаат од Нова Градишка до Крушево на 17. ултра маратон за Тоше Проески

Зубин Мехта: Патот на еден од највлијателните диригенти во светот