Во Виена одржана комеморација по повод смртта на Бранко Каракаш

Од:

Во Виена во големата „Кајзер сала“ на „Галери Клавир“ се одржа комеморација по повод смртта на Бранко Каракаш, композитор, музиколог, поет, режисер, музички критичар и преведувач, роден во Лаки, Македонија.

На комеморацијата, во присуство на членовите на неговото потесно семјство, бројни пријатели, амбасадорите на Хрватска, и на Црна Гора, познаници и љубители на музиката, поезијата и белетристиката, говореше и амбасадорот на Република Македонија, Ѓорѓи Филипов.

Тој во име на Република Македонија и министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска изрази сочувство до најблиските и се заблагодари за делата што Каракаш ги создал во и за Македонија, особено за „Антологијата на народни песни на Европа“, издадена на пет јазици, финансирана од УНЕСКО и од Министерството за култура на РМ.

Каракаш своето образование го формирал во сите земји на поранешна Југославија, а кариерата ја почнал како член на Детскиот оркестар на Загребаската опера, продолжил како изведувач на труба и виолина во Воениот оркестар во Скопје, бил композитор и музички илустратор во Драмскиот театар, како и постојан музички критичар во „Нова Македонија“.

Каракаш раководел со Секторот за музичка пропаганда и музичко издаваштво во Белград, бил директор на уметнички ансамбл, корежисер на отворањето на Медитеранските игри во Сплит и на Олимписките игри во Сараево.

Како гостин уметник настапил во повеќе од 30 земји. Од 1990 година живееше во Виена.

Во својот музички опус бележи околу 300 композиции од различни жанрови, а главни дела му се балетите, „Галеб“ (1982), „Љубов на песокот“ (1985), „Балетска свита во 9 слики“ (1989) и „Европјанка во Њујорк“ (2002).

Во својот творечки век, Каракаш издал неколку антологии, меѓу кои и „Антологија на македонски народни песни“ (1995), 19 збирки на поезија, 93 музички збирки, 10.000 песни со различна тематика, 26 книги од македонска белетристика преведени на други јазици, повеќе од 30.000 препеани стихови од македонски на руски јазик.

Автор е на повеќе од 700 музички критики, а од многуте награди и признанија што ги има добиено се издвојува медалјата „Духот на 76“ доделена од страна на САД по повод 200-годишнината од независнота.

Телото на Бранко Каракаш, ќе биде кремирено, а пепелта ќе биде расеана во Јадранското Море од островот Вис, од каде потекнува неговото семејство.

Би можело да ве интересира

Објавена книга посветена на битолскиот уметник Гастон Гамлиел

Проектот „Простор за разговор“ за јакнење на родовата еднаквост на културната сцена во шест градови

Концерт на познатиот „Хрватски гитарски квартет“ во Скопје

Реномирани музичари, книжевници и актери се дел од програмата на „Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура

Во Штип Фестивал на уметноста „Ликовна визија“

Шопен под отворено небо со Дино Имери