Во организација на Стрип центарот на Македонија-Велес во Велес започна првата стрип колонија во Македонија насловена „Велес 2018“, која ќе трае до сабота, а која е финансиски помогната од Министерството за култура и Општина Велес.
На првата стрип колонија учествуваат гости од Србија – Рашка, Лесковац и Белград, од Црна Гора и автори од разни генерации од Македонија.
Како што појасни за медиумите Томе Трајков од СЦМ-Велес, нивна задача за време на колонијата е да нацртаат стрип, без оглед дали е претходно подготвен.
Колонијата се одржува под менторство на специјалниот гостин, професорот Владимир Весовиќ од Школата за стрип од Белград, а кој ќе им помогне на учесниците да ги развиваат своите способности.
– Нацртаните стрипови ќе бидат во конкуренција за првата награда на веќе објавениот интернационален стрип конкурс за кој рокот е 20 септември, а со тоа и објавување во ревиите „СТРИП КРЕАТОР“ И „АЛМАНАХ“, како и традиционалната стрип изложба, во средината на октомври во Велес.
Според организаторите од СЦМ-Велес оваа прва стрип колонија „Велес 2018“ е еволутивен напредок во организирањето на традиционалниот стрип салон, кој секоја година се организира во средината на октомври во Велес.
– На овој начин преку оваа колонија ќе се овозможи подолготраен активен контакт и соработка помеѓу учесниците од разни земји, потенцира Трајков.