Во родниот град на поетот и револуционер Коста Солев Рацин денеска и утре се одржуваат 50. јубилејни Детски Рацинови средби чиј покровител е Општина Велес.
На учениците – учесници на средбите и нивните професори од цела Македонија добредојде им посака и Детските Рацинови средби ги прогласи за отворени Аце Коцевски градоначалникот на Општина Велес.
– Ова е градот на Рацин неговиот роден Велес со срце ширини широко, срце длабини длабоко, срце што може да го збере целиот свет со топлина, љубезност и гордо зачувани спомени. Искрено сум среќен што ве има стотина од цела Македонија, вие ученици кои ја разбирате и промовирате поезијата како најголема човекова креативност на длабочината на човековата душа. Вашата љубов кон поезијата посебно кон Рациновата поезија, особено ме прави среќен. Можеби токму меѓу вас се наоѓа наследникот на Рацин, на Блаже Конески…Како што се гордеам со Рацин се гордеам и са вас, бидејќи вие сте тоа што му треба на Велес и Македонија, интелектуална младина, потенцира Коцевски.
На отворањето беа доделени и наградите по распишаниот литературен и ликовен конкурс за основците и средношколците од земјава на тема „Мојот град, моја инспирација“.
Меѓу бројните творби од цела Македонија наградата Гран при на Детските Рацинови средби за поезија ја доби Марија Андевска деветооделенка од ООУ „Аврам Писевски“ од село Бардовци, Скопско, а Гран при за ликовна творба и беше врачена на Бранкица Чучуроска први клас од Гимназијата „Ацо Русковски“ од Пехчево.
Во рамки на културно – уметничката програма настапија КУД „Керамичар“ и „Коле Неделковски“ од Велес.
Попладнево во рамки на Детски Рацинови средби под наслов „50 Цветови за Рацин“ во Градскиот парк во Велес беше засадено цвеќе во чест на Рацин.
Веднаш потоа во Сокачето на поезијата пред Спомен куќата на Коста Солев Рацин во стариот дел на Велес учесниците на средбите присуствуваа на Поетско читање на наградените творби, имаше посета на ликовна изложба, а се одржа и грнчарска работилница во Спомен куќата на Рацин.
Инаку, 50-те јубилејни Рацинови средби започнаа утрово со Возот на мирот кој патуваше на релација Скопје – Велес, во кој сликарот Живко Поповски – Цветин црташе и поклонуваше на патниците и персоналот слики со цвеќиња на мирот, а ученици од Општина Ранковце читаа поезија од Рацин.
По традиција учесниците ги посетија и положија букети цвеќе на двата споменика на Кочо Рацин во центарот на Велес и пред Гимназијата која го носи неговото име.
Програмата на 50-те Детски Рацинови средби продолжува утре претпладне со традиционалниот „Поетски караван“ со читање поезија од македонски писатели низ велешките основни училишта.