На сцената на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ синоќа вторпат гостуваше Планинскиот филмски фестивал „Ехо“, кој во Скопје се организира од 2010 година.
Фестивалот „Ехо“ гостуваше во неколку градови во Македонија и проектираше документарни и долгометражни филмови за вљубениците во планините и планинските спортови.
Главен гостин на фестивалот беше балканскиот првак во планинско трчање Марјан Бонев, а своја презентација ќе има и Љупче Ѓорѓиев, алпинист од спортскиот планинарски клуб „Чеплес“, кој оваа година го освои врвот Аконкагва, Аргентина.
Претставување пред велешката публика ќе има и ЗГ „Велес бајкинг“ кои посетителите ќе ги информираат за своите досегашни активности, а ќе имаат и презентација по повод претстојниот трет велосипедски настан „АЗОТ 2017 МТБ“ што ќе се одржи на 27 и 28 мај во село Богомила, регион на АЗОТ.
Во Велес на програмата беа документарниот филм „Алек, Кољо, Бојан и Саша на Метерхорн“ – Македонија од 2016 на Горан Вучиќ, како и документарните филмови „Крис Бонингтон-живот и искачувања од Италија од 2015 на Виничио Стефанело и „Џоко и планината“ на триото Подлешанков, Каракаш и Видановски и „Јурек“ на Павел Визоцански од Полска.
Игор Талевски од организацискиот одбор на фестивалот „ЕХО“ искажа благодарност до општина Велес за поддршката на фестивалот.
– Целта на фестивалот „ЕХО“ првично беше да овозможиме да се дружиме сите вљубеници во планината и природата. Ќе се споделуваат искуства преку филмски записи и со искуства кои ќе ги презентираат наши колеги: планинари, скијачи, алпинисти и други спортисти, да најдат едно заедничко место на дружење и на споделување на своите искуства, појасни Талевски.
Тој истакна дека фестивалот „ЕХО“ се одржува веќе осма година во Скопје и по неколку години и во останатите градови во Македонија и доаде оти придонесува за интерес на граѓаните кон планинските спортови, не само алпинизмот и искачувањето на планините, туку и за планинскиот велосипедизам, планинското трчање и другите.
Талевски смета дека расте и бројот на спортисти кои се вклучуваат во овие спортови во земјава.
– Македонија има голема традиција за планински спорт. Ние имаме вакви клубови кои се формирани уште во 1920 година, меѓутоа поради разни политичко – економски причини овие планински спортови малку затаиле во минатото, оцени Талевски. Најави едукација на учениците од Македонија за планински спортови со цел поголем интерес на овие спортови кај младите.