На малата сцена во Народниот театар во Велес синоќа беше промовиран 19. број на списанието „Велес“, кој го издаде Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“, а организатор на промоцијата беше локалната библиотека.
Списанието излегува еднаш годишно, а догодина ќе биде издаден јубилејниот 20. број.
Како што појасни промоторот Васил Тоциновци, кој е и главен и одговорен уредник на редакцијата, списанието „Велес“ во 19. број ја продолжува традицијата и континуитетот на оригиналното и по се е единствено списание во Македонија.
– Станува збор за книжевно списание чии единствени теми се Велес и велешани, а автори потписници може да бидат од сите страни на светот. Ова списание се занимава се севкупната историја, традиција и континуитет на велешкото и духовно и материјални богатства од најстари времиња до денешни дни. Концепциски е составено од четири рубрики од студии кои донесуваат одредени анализи за значајни пројави и автори и дела. Потоа велешкиот духовен архив кој се занимава со минатото, како и тоа што во мигот се создава на теренот на Велес и велешко. Тука е и кругот на книжевност – најновите книжевни творби на членовите на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ и книгописот кој се занимава со рецензирање –претставување на новите книги за Велес и велешани, појасни Тоциновски.
Воедно информира дека тие теми се прошируваат и од други земји на други јазици и конкретно во овој 19. број „Велес“ има текстови на хрватски и на српски јазик и има приказна-роман, кој е напишан за велешкото село Оризари на бошњачки говор.
Тоциновски потенцира дека Велес се гордее со оваа списание, а во земјава само Велес и Битола имаат книжевно списание.
– Тие се оние кои го имаат срцето, душата односно барометарот на секоја современа национална книжевност,а тие не можат да постојат без своите списанија, додаде тој.