Единаесеттото издание на АКТО Фестивалот за современи уметности, организиран од Здружението за култура и уметност ФРУ – Факултет за работи што не се учат, се одржува во Тетово денес и утре, со што завршува овогодинешното издание. На денешното отворање говореа кураторите на фестивалот, како и локалниот домаќин – балканскиот центар за соработка – ЛОЈА кои ја претставија програмата и говореа за состојбите во културата на општинско ниво.
Бујар Лума од ЛОЈА се пожали на непостоечката соработка со општина Тетово и државата: “ЛОЈА 17 години работи без никаква помош од општината, а во последните четири години општината почна културните фондови да си ги троши сама – односно самата да си ги финансира проектите од културата, самата да си ги спроведува и самата да си ги оценува.”
Филип Јовановски од ФРУ укажа на цензурата од Општина Битола каде АКТО фестивалот започна и се одржуваше во последните 10 години. “После 10 години соработка и ситна финансиска помош од општината, одеднаш фодновите не само што секнаа, туку и ни забранија настаните на фестивалот да се одржуваат на јавен простор, па моравме да наоѓаме алтернативни решенија како приватни дворови за нашите перформанси. Според нас, се работи за цензура и презир кон независната култура и современата уметност.”
Ивана Васева од ФРУ нагласи дека овие и слични прашања ќе бидат тема на јавните дискусии “Уметност за Промена” кои што се дел од програмата, а на кои што ќе говорат познати уметници и културни работници од Македонија и странство. Овие прашања се централни и во претставата “Да го поздравиш и да ми го бациш” на Билјана Радиноска која што ќе биде изведена вечерва во 21.00 ч.
Денешни активности на фестивалот:
11:00–16:00 // Центар за балканска соработка „ЛОЈА“
Работилница од областа на современата уметност во соработка со Факултет за уметности – Фигуративна уметност, Државен универзитет во Тетово
Предавачи: Ноа Трајстер, Белград, Вахида Рамујкиќ, Белград и Албан Муја, Приштина
19:00 // Центар за балканска соработка „ЛОЈА“
Презентација на проект Dissolving city, во рамки на уметничката резиденција AP-T Тетово
19:30 // Центар за балканска соработка „ЛОЈА“
Јавна дискусија: УМЕТНОСТ ЗА ПРОМЕНИ – Одговорноста на уметникот во време на општествена и политичка криза
Соговорнички парови:
Бујар Лума (театарски режиер, Тетово) – Искра Гешоска (теоретичарка на културата, Скопје)
Данило Прњат (уметник, Белград) – Албан Муја (уметник, Приштина)
21:00 // Центар за балканска соработка „ЛОЈА“
Претстава – Да го поздравиш и да ми го бациш, Скопје
Режија: Билјана Радиноска
Играат: Бојан Кирковски, Наташа Петровиќ, Ненад Митевски, Симона Спировска Костовска
Плакат: Фотографска реплика од делото „Црвен Врисок“ на Ана Скјавело во соработка со Ребека Море (Торино, Италија); Интернационален саем на современа уметност – Паратисима Скопје, специјален проект „UndeRadio“ – Уметноста е (секогаш) во право.
Дизајн: Магдалена Дилевска
Монтажа на видео: ДраганАлексов
Продукција: АРТОПИЈА – Скопје
Продуцент: Филип Николовски
22:00–01:00 // Центар за балканска соработка „ЛОЈА“
АКТО МУЗИКА
JUNE, Скопје
Kepurdhat, Тетово
Blerta Kosova, Приштина
Фестивалот AKTO e поддржан од УСАИД. Детални информации се достапни на http://akto-fru.com/. Организацијата ФРУ – Факултет за работи што не се учат е формирана 2000 година како уметнички проект. Една од главните активности на ФРУ е АКТО фестивалот за современа уметност.