По повод 100 години од раѓањето на Блаже Конески синоќа во Струмица се одржа поетска вечер насловена како „Зборот на Конески“. За животот и опусот на Конески зборуваа д-р Ана Витанова Рингачева и д-р Вера Стојчевска-Антиќ, а поетесите Сузана Мицева, Мариета Дукиќ и Катерина Панов Кожаров читаа стихови од него.
Во своето вдахновено искажување професорката Стојчевска-Антиќ се осврна на нападите врз Блаже Конески кога во 2017 година тој беше наречен „Џуџето од Небрегово“ и како дошло до издавањето на книгата „Мојот професор пророк“ и подоцна “Навраќање кон Конески“, приредена заедно со новинарот и публицист Свето Стаменов.
-Не можев да замислам дека во нашата средина ќе биде наречен „Џуџето од Небрегово“ и затоа јас докажувам каков џин се роди во Небрегово. Замислете, тој само седум години бил во Небрегово, како дете и таму завршил прво одделение. Играл со децата заедно, но најубавото негово творештво му се засновува врз неверојатни продирања во животот во Небрегово. Така му настана „Тешкото“, така настана „Везилка“, тое е нешто неверојатно, во едно дете од седум години да се крие таква љубопитност, такво помнење за да може целиот живот да твори врз тие спомени, рече професорката Вера Стојчевска-Антиќ.
За д-р Ана Витанова Рингачева Конески знаел да ги именува нештата и состојбите.
-Знаеше да им даде име, име кое го бара од изворите на македонскиот јазик и оттаму ги извадил на светлината на векот за денес да бидат наш отчет и наша одбрана од нечестивите, рече Витанова Рингачева.
Во продолжение на поетската вечер беше прикажано и видео подготвено од Здружението за наука, литература и култура “Иван Василевски“ од Струмица, кое го организираше настанот, а се одржа во рамки на манифестацијата „Струмица град на културата 2021“.