Во Струмица беше промовиран Зборникот „Уште едно навраќање кон Конески“, кој го приредија професор д-р Вера Стојчевска-Антиќ и Свето Стаменов, политиколог и новинар на Македонското радио – Радио Скопје.
Во Зборникот се поместени 44 текстови од различни автори од земјава и странство на 500 страници кои се занимавале со животот и делото на Блаже Конески.
– Тоа е еден мал енциклопедиски осврт врз делото на Конески со текстови од постари изучувачи на неговото дело, но меѓу нив има и многу од Струмица, посебно од моите поранешни студенти, кои одлично работат во Струмица и со кои се гордеам. Самиот Зборник е збир од сите тие важни области од науката со кои се занимавал Блаже и мислам дека секој што ќе дојде до оваа книга нема да може да ја испушти од рацете, рече професор Стојчевска-Антиќ на синоќешната промоција.
Свето Стаменов истакна дека ова е втор зборник издаден годинава за Конески, по првиот кој беше промовиран во мај во Куманово.
– Овој го нарековме „Уште едно навраќање кон Конески“.Многу ми е драго што со оваа промоција се заокружува годината посветена на Конески. Јас за жал, а можеби за среќа, не го знаев лично Конески и тоа ми овозможи објективно да го согледам неговото дело кое е грандиозно за македонскиот народ и Македонија. Тоа е дело врз која почива нашата нација, државата и нашиот македонски јазик, рече Стаменов.
Печатењето на Зборникот го помогна Општина Струмица, а промоцијата се одржа во рамки на манифестацијата „Струмица – град на културата 2021“.