Во рамки на 54-тото издание на „Струшките вечери на поезијата“, во фоајето на хотел „Дрим“ беше отворена изложба на дигитално обработени фотографии од истакнатиот фотограф Александар Георгиев.
Изложбата носи наслов „Анаграми за себепрепознавање“, а со пригоден говор ја отвори академскиот сликар Александар Станковски Рембрант.
– Овој наш истакнат фотограф и уметник настапува од позициите на неговиот огромен опус низ кои тој проаѓа низ сите можни искуства на фотографскиот медиум. Од фотографијата на мигот па преку документаризмот и одбележувањето на актуелните општествено – политички моменти кои подоцна ќе се преточат во историја, Александар Ѓорѓиев со оваа рецентна поставка ни се претставува како вистински изграден и сериозен поет на визуелното, користејќи го својот стандарден медиум – фотографијата, но во случајот надградувајќи ја и проширувајќи ја со дигиталната технологија и воведуваќи ја во сферите на мултидисциплинарноста, рече Станковски.
Александар Георгиев е роден во Прилеп 1963 година. Тој е фотограф и визуелен уметник. Досега имал шест самостојни изложби во земјава и странство, а работел и филмска фотографија. Неговите фотографии се дел од монографиите: Слики со историска содржина“ за Музејот на македонската борба за државност и самостојност“, „Монографија за Музејот на македонската борба за државност и самостојност“, „Спомен куќа на Мајка Тереза“, „Македонски традиционален готвач“, „Охридските пораки за мир и соживот“, „Градски трговски центар“. Работел за „Екран“, „Нова Македонија“ и „Фокус“, а моментално е вработен во Министерството за култура.