Со доделување на дипломи на учесниците-ученици од земјава и на менторите и соработниците попладнево во археолошкиот локалитет Стоби заврши со работа дводневната прва „Школа за непрофесионален-аматерски филм Стефан Сидовски – Сидо“ за основци и средношколци, што ја организираа Народна техника на Македонија и Кино сојузот на Македонија со поддршка на Општина Градско и НУ „Стоби“.
По вчерашниот теоретски ден, денеска за учесниците се одржа и практична работа – снимање на кратки филмови во локалитетот Стоби, а потоа учесниците заедно и со помош на своите ментори, искусни познати македонски автори, работеа на монтажа на снимените филмови.
На крај на сите учесници 13 основци и средношколци од девет градови во земјава и нивните ментири и соорганизатори им беа доделени пофалници и благодарници за учеството.
Како што информира за МИА, директор на Народна техника на Македонија, Пере Митрев се планира оваа Школа, именувана неговиот долгогодешен соработник и успешен автор во сферата на непрофесионалниот филм Стефен Сидовски – Сидо, да прерасне во традиционална.
– Целта е Школата во чест на мојот пријател и врвен автор на македонскиот непрофесионален филм, лани починатиот Стефан Сидовски – СИДО, планираме да прерасне во расадник на нови имиња, кои ќе бидат иднината на македонскиот непрофесионален филм и ќе не преставуваат на државните, европските и светски фестивали на аматерски филмови, потенцира Митрев.
Тој воедно најави дека со овие свои филмови учесниците од Школата напролет идната година ќе можат да учествуваат и на Државниот фестивал за непрофесионален филм, што го организра Народна техника и Кино сојузот, а потоа и на меѓународниот фестивал за аматерски филм „Камера 300“ што секоја година се одржува во Битола.
Митрев им порача на младите учесници на Школата да продолжат со снимање, а потоа и со монтирање на непрофесионални аматерски филмови и самите да се надоградуваат, учат и творат во областа на непрофесионалниот аматерски филм.