Во Стоби откриена скулптура на богот Дионис со пантер

Од:

Мермерна скулптура со претстава на богот Дионис е откриена минатата седмица на археолошкиот локалитет Стоби.

Kако што информираат од НУ „Стоби“, исклучителното откритие е резултат на археолошките истражувања во рамките на летната интернационална школа за теренска археологија. Скулптурата, што најверојатно била изработена во вториот до третиот век од н.е., е сочувана во височина од околу 50 см. Откриена во секундарен контекст, односно во остатоците од урнат ѕид од куќа од шестиот век, каде била употребена како градежен материјал. Токму поради тоа недостигаат главата, десната рака и постаментот со стапалата. Со оглед на тоа што во шестиот век, христијанството е доминантната религија, чест е случајот на уништување и употреба на скулптурите на паганските божества од претходните векови како градежен материјал.

Новооткриената скулптура го претставува богот на виното, плодноста, театарот и религиозната екстаза потпрен на стебло обвиено со винова лоза од која висат гроздови. Дионис е полугол, со наметка околу неговото лево рамо и долната половина од телото. До неговата лева нога е претставен пантер, кој е еден од неговите главни симболи, покрај виновата лоза, бршленот, тирсот (специфичен стап со врв од шишaрка) икантаросот (пехарот) со вино. Инаку ова не е прва мермерна скулптура на Дионис во Стоби и во минатото се откриени една цела претстава, две глави и една рака. Сепак, ова е прва скулптура на Дионис од овој тип на локалитетот и нејзиното значење во поширок археолошки контекст ќе биде прецизно утврдено со понатамошните анализи, посочуваат од НУ Стоби.

Интернационалната школа за археологија во Стоби се одржува десетта година по ред и е резултат на соработката на Националната установа Стоби со фондацијата Балканско наследство од Бугарија. Оваа сезона, во школата учествуваат 17 студенти и волонтери од САД, Канада, Кина, Шведска, Ел Салвадори, Австралија. Во стручниот тим од археолози при НУ Стоби, што ги реализира истражувањата се раководителот м-р Златко Кованцалиев и инструкторите м-р Јован Радњански и м-р Гоце Павловски, стои во соопштението.

Би можело да ве интересира

По 70 години прво подземно скенирање на наоди во античкиот локалитет „Стибера“ кај Прилеп

Ана Ололовска

Египет ги изложи неодамна откриените артефакти стари 2.500 години

Предраг Петровиќ

„На север од егејскиот свет“ – нова книга на археологот Драги Митревски

Минатата година се зголеми македонското археолошко богатство, а науката доби лабораторија за прецизирање на фактите

Ана Ололовска

Конференција за предисториска археологија „Предисторија на Балканот“

Ана Ололовска

Завршија овогодишните истражувања на Градиште-Бислим кај кумановското село Пчиња

Ана Ололовска