Во организација на Друштвото на Ликовни Уметници на Македонија (ДЛУМ) и манифестацијата „Скопско лето“, а во соработка со Друштвото на Ликовни Уметници на Србија (УЛУС), на 08.07.2016 година (петок), ќе биде отворена изложбата на Зоран Чалија – Чарли посветена на Византиската империја.
Изложбената поставка е производ на двегодишната работа на авторот, инспирирана од духовните корени и наследството. Зоран Чалија – Чарли ги нагласува духовните врски со Византија и православието суптилно изразувајќи ги преку форми, зрачења кои доаѓаат од дамка, поетски хармонии и златни ореоли, притоа воведувајќи го набљудувачот во тематскиот контекст на приказната.
„Овој уметник со исклучителен сензибилитет на боја гради деликатни хроматски хармонии на сликата. Финото преклопување на површините, тактилните вредности и мирен тон на делото му даваат нота на меланхолија и патина. Зоран Чалија преку визуелни средства ги претставува во слики повеќевековната историја, богатството на духот и културата кои го украсуваат ова поднебје. Ова е неговата ода на духовните отци и минати времиња. Во овие слики нема патетика, тие се лични чувства на авторот кои ја откриваат длабочината на неговата душа.“ – Оливера Вукотиќ, белградска ликовна критичарка.
Зоран Чалија – Чарли има учествувано на голем број групни изложби во Србија, Англија, Италија, Македонија, а своите дела ги има претставено на повеќе од 17 самостојни изложби. Автор е на голем број проекти од областа на културата, а свој потпис оставил и на педесетина сценографии на театарски претстави. Во 1989 година го основа театарот „Чарлина“, кој настанува со анимација во процесот на интеграција и социјализација на домот на деца без родители „Јован Јовановиќ – Змај“. Добитник е на голем број награди , во кои се вбројуваат и први награди: за сценографија во претставата „Како војникот Чонкин го чувал авионот“ на натпревар на војводинските театри; во сите категории за „Капетан Џон Пиплфокс“ на фестивалот на детски сцени во Бечеј; од публиката за претставата „Царевиот водоносец и царот бумбар“, како и за музика во истата претстава, за педагошката работа и за главна улога.