Со настапот на „Кеко Форнарели Трио“ од Италија синоќа на камерната сцена во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп беше отворен 7-от по ред интернационален “Џез викенд фестивалот“. Побликата на летната сцена од Домот на културата уживаше и во изведбите на џез уметниците на скопската група „Фиарс“ и на извонредниот македонски џез музичар Владимир Четкар.
Фестивалот, што ќе се одржува до сабота, ќе понуди богата програма и врвна џез музика на гостите од Грција, Германија, од Србија, Македонија.
-Целта на овој фестивал е промоција и популаризација на џезот и на уметноста на импровизирана музика во Македонија. Во изминатите шест години низ фестивалот поминаа доста музички имиња од повеќе земји од Европа и од нашата држава, кои оставија значаен белег во креирањето на фестивалската историја која ја испишуваме и кои извршија силно влијание врз домашната џез публика. Фестивалот со својата разноликост и ненаметливост постигнува реноме во регионот, вели Снежана Ристеска од прилепската локална самоуправа која е организатор на фестивалот.
Публиката смета дека е востановена џез културата во градот која има традиција.
Кеко Форнарели од Италија, чие трио го отвори Фестивалот прв пат е во Македонија.
– Верувам дека со публиката ќе уживаме во џез-музиката. Овој регион нуди интересна музика. Имаме веќе пет албуми и за шест години сме гостувале во 42 земји. Сакам повторно да настапувам овде во македонија, вели Форнарели.
За прилепскиот градоначалник Илија Јованоски Фестивалот си создаде своја публика и овој е последен од петте фестивали годинава.
– Фестивалската програма за годинава ја заокружуваме со Џез фестивалот. Почнавме со карневалот „Прочка“, потоа со македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, па Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, потоа со „Пивофест“ и последен на програмата за годинава е Џез фестивалот, изјави Јованоски.
Годинава фестивалот нуди интересна програма, која е комбинација на медитеранскиот, врвен балкански и македонски џез. Вечер, публиката ќе може да ужива во настапите на Јордан Костов и „Шангај Интенс“, на „Палете Ансамблот“, односно „Сократис Воцкос Квартет“, а вечерта ќе ја затвори бендот на Васил Хаџиманов. Последниот фестивалски ден, сабота, е резервиран за Јаков Дренковски, французите „Ле Бал Пури“ и српската група „Деца Лоших Музичара“.
Истовремено, фестивалот ја задржува традицијата да нуди и “оф“ програма, која ќе се одржи утре, вторник 28 август, среда 29 август и во недела. 2 септември, во кафетериите „Сидро“, „Џез клуб Тејк фајв“ и во „Резиденс“ во село Плетвар. Во тие рамки, љубителите на џезот ќе можат да ги проследат настапите на Дамир Имери Квартет“, „Флинстоунс Џез Трио“ и „Летечки Пекинезери“.