Штипјанецот Александар Стеванов е добитник на признанието за најдобар стрип сценарист на 17-та Балканската смотра на млади стрип автори во Лесковац, Србија.
Стеванов стана лауреат за стрипот „Вистинска љубов“ со кој, заедно со Кирси Салонен од Финска, веќе е добитник на 2-то место на Интернационалниот стрип салон во Велес во 2014 година.
Како што информира Томе Трајков од Стрип Центарот на Македонија од Велес, кој и самиот учествуваше на оваа Балканската смотра во Лесковац, смотрата е посебно привлечна за македонските стрип автори.
– Оваа Балканска смотра беше прва која се отвори кон младата македонска стрип сцена, овозможувајќи им контакти со автори, промотори и скаути од повеќе земји. Освен со масовност на наградниот конкурс 1709 автори од 37 земји, реномето на оваа Балканска смотра во Лесковац се потврдува и со присуството на афирмирани стрип автори од светот, потенцира Трајков.
Стрип Центарот на Македонија на оваа смотра годинава афирмира шеесетина талентирани стрип автори од цела Македонија, информира Трајков.
Балканска смотра на млади стрип автори што викендов се одржа во Лесковац, Србија е најстара манифестација од сферата на деветатта уметност, односно на стрипот во регионот. Организатори се Лесковачкиот Културен Центар и Училиштето за стрип „Никола Митровиќ-Кокан“од Лесковац.